Нѐ изедоа комарци

220

Граѓаните, но и познати јавни личности, својот револт од инвазијата на комарци секојдневно го искажуваат на социјалните мрежи

Цели колонии комарци повторно го нападнаа Скопје, а граѓаните се гневни.
Зголеменото присуство на комарците го отежнува скопското секојдневие. Граѓаните не можат слободно да се движат во единствениот период од денот кога топлината се намалува. Од страв да не бидат нападнати од овој вид инсекти, некои од граѓаните одлучуваат вечерните часови да ги поминат во своите домови. Едноставната прошетка низ парковите и кејот на реката Вардар станува тортура.

Иако во понеделникот и во вторникот наутро беа спроведени авионска и терестричната дезинсекција, следните денови повторно имаше зголемено присуство на комарци. Тендерската постапка за дезинсекција вообичаено почнува во март за да има доволно време да минат сите процедури, за најраната дезинсекција да се спроведе во мај. Годинашниов тендер доцнеше, а со него и дезинсекцијата, која на крајот беше овозможена некаде во средината на месец јули. Градоначалникот Шилегов велеше дека прскањето доцни поради сомнежите дека набавените препарати се штетни за граѓаните. Додека градските власти се занимаваа со тендерската постапка, комарците интензивно се размножуваа и задоцнетото реагирање на локалните власти во комбинација со големата влажност на воздухот и високите летни температури го нагласија проблемот со комарците до степен каде што контролирањето на популацијата на комарците е невозможна.

– Во согласност со програмата за дезинсекција, градот Скопје секоја година извршува во поголем број наврати земјено (терестрично) и авионско прскање на возрасните форми на комарци, како и против ларвите од комарци. Градот Скопје досега ги заврши првите две фази од прскањето против возрасни форми на комарци како и ларви од комарци, а прскањата се направени од авион и од земја. Првата фаза траеше од 3 до 16 јули, а втората фаза ја почнавме на 21 јули и траеше до 6 август. Третата фаза на прскања против комарци ќе се реализира викендов и нареднава недела, четвртата кон крајот на месец август, а петтата и последна фаза ќе биде реализирана во септември – велат градските власти.

Од градот истакнаа дека оваа година беа наменети вкупно 30 милиони денари за дезинсекција. Граѓаните може да се надеваат дека одвоените средства ќе бидат доволни за справување со повторното појавување на големиот број на комарците.
Во меѓувреме граѓаните својот револт од инвазијата на комарци го искажуваат на социјалните мрежи.

– Излегов да се прошетам во вечерните часови на петнаесетина минути и се вратив со десетина убоди од комарци. Властиве изгледа заборавија дека во лето има комарци и нѐ оставија сами да се справуваме со нив – коментира Марија Ивановска.
Поранешниот репрезентативец Перо Антиќ на социјалните мрежи искоментира дека граѓаните треба на надлежните да им ги достават сметките за препарати против комарци.

– Дали треба на градоначалникот Шилегов да му доставиме сметки за „аутан“ и слични препарати или да го замолиме да испрска конечно за комарци?! Па имај милост вака не јаделе комарците 36 години! – напиша Антиќ.
Главната улога на дезинсекцијата е намалување на штетните инсекти, како што се комарците. Овој вид инсект е штетен по човековото здравје поради пренесување на автохтоната маларија и на нилската треска. Во Македонија се појавија два сомнителни случаја на западнонилска треска, а Институтот за јавно здравје треба да спроведе испитувања дали станува збор за западнонилскиот вирус или станува збор за друг вид болест. Експертите велат дека иако комарецот претставува само преносител, ваквите заболувања не треба да се занемарат. Луѓе што доаѓаат од тропските предели каде што постои можност од заразување со овие болести, претставуваат голема опасност.

Доколку не се третираат болестите, во одредени случаи може да настане смрт. Во Србија досега има седумдесетина заболени и петмина починати од западнонилската треска. Затоа граѓаните апелираат до локалните власти да реагираат порано и побрзо додека не настанал некој посериозен проблем, а наедно проблемот со комарците да не се јави повторно.