Нов филтер на печката за согорување медицински отпад во „Дрисла“

844

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов изјави дека од денеска во функција е новиот филтер на печката за согорување медицински отпад (инсенератор) на депонијата „Дрисла“.

– Станува збор за филтер којшто е поставен на инсенераторот за согорување на медицински отпад и кој ги апсорбира ПМ10 честичките, јаглерод моноксид и други честички кои се ослободуваат при согорувањето. Поставувањето е во согласност со препораките на Државниот инспекторат за животна средина. Филтерот ќе се користи се до поставување на новата печка овде, појасни Шилегов.

Печката, како што рече, беше надвор од функција неколку месеци, односно беше под ригорозна контрола на Државниот инспекторат кој дојде до заклучок дека таа не ги исполнува критериумите за дејноста што ја врши и која беше оставена со години да функционира без филтер од страна на претходната власт.

– Наша обврска е да иницираме постапки кои и не се под ингеренции на Градот со цел да испровоцираме реакција на државните органи, а кои се однесуваат на заштита на животната средина и подобрување на квалитетот на воздухот којшто го дишеме. Пред денешното пуштање во употреба беа извршени сите тестирања за работата на филтерот кои покажаа одлични резултати. Просечното количество на издувни гасови на јаглерод моноксид, на азотните и сулфурните оксиди и на ПМ 10 честичките не ги надминуваат сите вредности од Правилникот за гранични вредности на емисии при горење и согорување на отпад и условите и начинот на работа на инсталациите за горење и согорување на отпад, рече Шилегов.

Тој информира дека дополнително покрај инсталирањето на филтерот со цел креирање целосно еколошко решение, горивото на кое работи печката досега беше на мазут, а сега е заменета на природен гас.

Шилегов рече дека како што ветиле работат на долгорочни решенија на решавање на проблемот со загадување на воздухот во Скопје во текот на зимскиот период. Ветивме, како што рече, дека ова не го решава во целост проблемот со загадувањето, но исто така треба да бидеме свесни дека со повеќе вакви чекори се стигнува до трајно решение.

На поставувањето на новиот филтер присуствуваа директорот на депонијата „Дрисла“ Горан Ангелов и портпаролката на во МЖСПП Беса Татеши.