Нов сценски живот, нова возбуда во главниот град

437
Скопјани коментираа колку идејните решенија се вклопуваат во природниот амбиент / Фото: Игор Бансколиев

Голем беше интересот на скопјани што поскоро да ги видат идејните решенија, кои завчера беа изложени на уличката пред бараките на Град Скопје. Граѓаните многу љубопитно ги набљудуваа, анализираа и си одбираа кое решение најмногу им се допаѓа. Некои дури и гласно размислуваа и зборуваа за некој иден културен настан што ќе се случува на отворено, како што се прави тоа и во големите европски градови

Претставени проекти за изградба на три нови летни сцени во Градскиот парк во Скопје

Во Градскиот парк допрва треба да се раѓаат нови возбудливи доживувања на новите три летни сцени, кои есенва ќе бидат изградени, според најдобрите идејните решенија, што идната недела ќе ги изберат градските власти.

Тринаесет труда за новите летни сцени

На конкурсот се пристигнати 13 труда за понудените три локации: во близината на Езерце, во првиот дел на паркот, во близината на Сточарскиот институт и спроти кајак-кану клубот „Илинден 90“. Градот ќе додели три први награди од 70.000 денари, за најдобрите на секоја локација. Изборот на најдобрите трудови ќе го направи комисија формирана од компетентни лица. Пристигнатите трудови се анонимни и сѐ уште не се познати имињата на авторите. Но и без тоа голем беше интересот на скопјани што поскоро да ги видат идејните решенија, кои завчера беа изложени на уличката пред бараките на Град Скопје. Изложбените паноа со идеите за новите летни сцени во паркот ги анализираа многу граѓани, актери, електроинженери, биолози, графички дизајнери, новинари… Граѓаните многу љубопитно ги набљудуваа, анализираа и си одбираа кое решение најмногу им се допаѓа. Некои дури и гласно размислуваа и зборуваа за некој иден културен настан што ќе се случува на отворено, како што се прави тоа и во големите европски градови, а и дека градските власти ќе дадат нова димензија на паркот, нова возбуда и нов живот. Заинтересирани беа дури и децата, па љубопитно прашуваа кога ќе бидат готови новите летни сцени.

Што велат граѓаните за проектите

– Во време кога се забранети културните настани во затворено, се создаде една можност и архитектите креативно да се изразат, да творат и да создадат некакво решение за сцена, за публиката да ја навикнеме на едно поинакво културно доживување надвор. Реално ми се допаѓаат креативните решенија на повеќето од архитектите. Особено ми се допаѓа тоа што повеќето сцени што се проектирани се мултифункционални, што значи дека можат да бидат и театарски и концертни, а може да служат и за проекција на филмови – вели Сања Арсовска, актерка од Драмскиот театар во Скопје.
Некои скопјани се навраќаа по неколкупати за да ги разгледуваат паноата со новите летни сцени.
– Одлична идеја за изградба на нови три летни сцени во паркот. Луѓето веднаш ќе ги прифатат и ќе заживее и вториот дел од паркот. Не беше доволна само летната сцена на „Школка“ и на Градскиот парк одамна му требаа нови сцени, веројатно корона-кризава нѐ натера да размислуваме за забави и културен живот на отворено, но секако и во летото некако тоа е природно да се случува токму тука во Градски парк – рече, Емилија Стојановска, додавајќи дека како графичка дизајнерка многу се заинтересирала да дојде и да ги види идеите со кои конкурирале архитектите.
Дел од присутните, пак, биолози, електроинженери ги анализираа идеите од еден сосем друг аспект, колку тие се вклопуваат во природниот амбиент и дали не го нарушуваат нормалното живеење на птиците во паркот.

– Секое од овие решенија е во ред. На Скопје одамна му требаше вакво нешто и организациите што се занимаваат со животната средина ги оценуваат ваквите простори на отворено, каде што луѓето ќе се дружат. Битно е да бидеме во природа и ова време е идеално за вакви проекти. Секое решение е вклопено во природниот амбиент на паркот. Има едно што малку ме замисли поради рефлексијата што ќе ја создава, а поради тоа птиците ќе се судираат, во паркот сепак има многу птици – смета Александар Дончевски, електроинженер.

Конечно нова димензија на вториот дел од Градскиот парк

Ако трите нови сцени го оживеат вториот дел од Градскиот парк, како што велат граѓаните, тогаш градските власти ја постигнале целта. Нивната намера е токму таа, да се поттикнат посетите на граѓаните во вториот дел на Градскиот парк и да се намали притисокот врз првиот дел каде што се наоѓаат најголемиот број од посетителите, игралиштата, урбаната опрема, спомен-обележјата и единствената летна сцена „Школка“, која е преполна со настани секое лето. Со оглед на тоа што овој дел од паркот е опколен со станбени објекти, во сечиј интерес ќе биде намалувањето на метежот и вревата во летниот период, сметаат од градот. Од друга страна, пак, по исчезнувањето на летното кино во лунапаркот на кое скопјани со радост се сеќаваат, велат дека беше потребно да се најде локација во тој дел од паркот, која меѓу другото ќе може да ја врши истата функција. Идејните решенија треба да бидат дел од природниот амбиент на паркот.

– Од понудените решенија се бараше максимално да ја користат топографијата на теренот и да ги користат неговите природни карактеристики, односно да користат што помалку материјали и објектите да бидат монтажни без постојани траги во просторот. Овој конкурс доаѓа во посебен момент кога Скопје, како и сите други градови низ светот, мора да почне да размислува поинаку во однос на јавниот простор и неговата употреба. Пандемијата насекаде донесе препораки во однос на јавните собири, јавниот транспорт, културните содржини итн. и ја донесе потребата од нови велосипедски патеки, тротоари, скверови, но и нови содржини во парковите. Парковите во Скопје се полни како никогаш порано и тоа во голема мера се должи на препораките да се избегнуваат затворени простори и да се држи физичка дистанца. Оттаму, трите нови летни сцени во Градскиот парк можат да се сфатат како дел од сетот мерки на Градот, Простор антикорона за адаптација на јавниот простор во новите услови (овие мерки вклучуваат намалување на бројот на билбордите, намалување и стеснување на автомобилските ленти, на сметка на велосипедските, адаптацијата на културните содржини и проектот „Култура во време на корона“ – вели Никола Наумовски, шеф на кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов.

Инаку деновиве Град Скопје поставува нови модерни канделабри во вториот дел на паркот, а во претстојниот период има намера и да ги реконструира главните патеки. Тоа, заедно со тартан-патеката, новата специјална велосипедска патека (памп-трек), реновираниот паркинг кај Сточарскиот институт, како и новата урбана опрема и новите летни сцени, треба да му дадат нов лик на паркот и тој да стане омиленото место на скопјани, но и честа дестинација на посетителите на градот.