Нов сообраќаен режим на булеварот Македонија

275
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од денеска, па во наредните шест години, се воведува сообраќаен режим на булеварот Македонија, или поранешен Јужен булевар, кој минува зад Музејот на градот Скопје и ТЦ „Рамстор“. Поради изведба на градежни работи за изградба на подземна сообраќајница од страна на компанијата „Лимак“ ќе се извршат и промени во трасите на автобусите на јавниот превоз што се движат по оваа сообраќајница.
Трасата на движење на автобуската линија со бројот „9“ во насока од Клиничкиот центар кон Скопје Север е променета. Од денеска на крстосницата меѓу улицата Јордан Мијалков, поранешната улица Железничка, и улицата Герман, автобусите нема да вртат лево кон булеварот Македонија, туку ќе продолжат да се движат право. Подоцна ќе се приклучат кон булеварот Македонија, преку привремена улица пред натпатникот на улицата Павел Шатев, при што ќе возат по постојната траса на линијата со бројот „9“.

Во согласност со овие промени, автобуската станица на булеварот Македонија, која е во непосредна близина на катната гаража спроти седиштето на „Макпетрол“, привремено ќе се премести на улицата Јордан Мијалков, по пешачкиот премин што води до „Урбан парк“.
Од градот и јавното сообраќајно претпријатие апелираат до сите учесници во сообраќајот да се придржуваат на воведениот сообраќаен режим, да ја почитуваат поставената патна сигнализација, а брзината на движење да ја приспособат на условите на патот.