Нов мост ќе ги спои скопските населби Аеродром и Автокоманда

1658
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Проектот предвидува нов и реконструкција на стар булевар долг 2.170 метри со 6 коловозни ленти, велосипедски и пешачки патеки и дрвореди

Градот Скопје најави дека во тек се процедурите за изработка на инфраструктурен план, а за брз период и постапка за изработка на изведен план за најновиот проект за изградба на нов коридор со мост преку реката Вардар. Градоначалникот Шилегов прецизира дека проектот за мостот, кој ќе се спроведува во три фази, поточно ќе ги поврзува булеварот АСНОМ кај хотелот „Русија“, ќе поминува преку реката Вардар и ќе премости кај раскрсницата кај Скопскиот саем.

Градските власти велат дека проектот за поврзување на скопските населби Аеродром, Центар и Гази Баба ќе даде исклучителна развојна компонента и ќе обезбеди побрзо и побезбедно движење на граѓаните. Според процените, од Ново Лисиче до Скопскиот саем или од ТЦ „Бисер“ до Автокоманда со автомобил ќе се стигнува за околу 5 минути, а новите инфраструктурни решенија ќе понудат и намалување на времето на движење за велосипедистите и за пешаците. Ова решение ќе им заштеди многу време на оние што сега по кружен пат стигнуваат од едната до другата страна.

Во овој инфраструктурен проект, освен нов мост преку реката Вардар, кој ќе биде во должина од 120 метри, се предвидува и пробивање нов и реконструкција на стар булевар во вкупна должина од 2.170 метри, 5 вкрстувања, 6 коловозни ленти, велосипедски патеки во двете насоки, пешачки патеки и дрвореди. Исто така, коридорот ќе биде проследен и со нови автобуски линии на јавниот градски превоз, што ќе претставуваат исто така пократка и директна врска не само на населбите Аеродром и Автокоманда, туку и на Кисела Вода. Дел од проектот е планирано да минува низ дел од населбата Керамидница, каде што најверојатно ќе зафати дел од имотите на месното население. Од градот посочија дека обемот на експропријацијата на имотите што ќе се најдат на трасите ќе биде конечно утврдена со правењето на финалните плански решенија. Објаснија дека работат на овој проблем паралелно со изработката на документацијата и ветија дека нема да се случи да се остават нерешени имотноправни проблеми пред почетокот на реализацијата на овој мегапроект.

Ваков мост и поврзување на градот се предвидени со генералниот урбанистички план уште од 1965 година, но досега ниту една градска власт не се нафатила да ја изработи основната планска документација. Од градот велат дека градбата на овој коридор со мост предвидено е да биде завршена во рок не подолг од 24 месеци од почетокот на градежните работи. С.Р.