Нов еколошки автобус ќе се тестира во јавниот превоз

572

Нов еколошки автобус марка „Мерцедес“ ќе биде пробно вклучен во сообраќај во градскиот превоз во Скопје.

За таа цел, градоначалникот Петре Шилегов и Михаило Зографски, директор за продажба на комерцијални возила на Мак Аутостар, денеска потпишаа договор за пробно користење на автобусот.

– Скопје заслужува автобуски превоз кој нема да загадува, ќе биде енергетски ефикасен и кој во целост ќе излезе во пресрет на потребите на граѓаните коишто го користат. За таа цел потпишавме договор со Мак Аутостар за пробно користење на автобус на гас од производителот Мерцедес БЕНЗ, за период од два месеци. Автобусот е направен по последните технолошки трендови во оваа индустрија. Станува збор за енергетски ефикасен автобус, наменет исклучиво за јавен превоз, со намалена потрошувачка на гас – истакна Шилегов.

Споредено со потрошувачката на старите дизел – автобуси, овој автобус ќе троши речиси 50% помалку гориво, што дополнително ќе ги намали трошоците на ЈСП. А најголема предност на овој автобус е тоа што емитува значително помалку ЦО2 и речиси воопшто не го загадуваат воздухот.

– Минатиот месец потпишавме договор за пробно користење на електричен автобус за период од шест месеци, наменет за линија 15, а овој автобусот наредниве два месеца ќе сообраќа на линија број 5. Ова се одлични можности кои ќе нė збогатат со нови искуства за градот, што понатаму ќе можеме да ги користиме во планирањето на модернизацијата на јавниот градски превоз. Наша заложба е креирање јавен транспорт кој е економски ефикасен и не го загадува воздухот – рече Шилегов.

Тој нагласи дека решавањето на деценискиот проблем со јавниот превоз во Скопје е дел од листата на приоритети на Градот, и дека годинава од Буџетот на Градот се предвидени субвенции за набавка на еко автобуси во висина од 100 милиони денари за ЈСП и 20 милиони за приватните превозници.

Новиот пробен автобус Мерцедес Бенз ЦИТАРО ЦНГ испушта помалку издувни гасови од Еуро 6 моторите и со тоа загадувањето е сведено на минимум. Овој автобусот има систем за автоматско „клекнување” на возилото на автобуски постојки, сензори за светло и за дожд, приклучоци за полнење мобилни телефони, како и видеокамери за да се следи делот кај возачот и делот за евиденција на билетите.