Нов еколошки автобус се вклучува во јавниот превоз во Скопје

982

ЈСП-Скопје денеска потпиша договор со компанијата МАН Импортер Македонија, ексклузивен увозник на МАН за македонскиот пазар, за пробно користење автобус од типот Lion`s City A21 кој користи природен компримиран гас т.н. CNG.

Новиот автобус во сообраќај ќе биде пуштен од утре и ќе сообраќа на линијата со број 5. Има капацитет за превоз на 85 патници.

– Новиот автобус е направен во согласност со последните технолошки трендови во оваа индустрија, ги задоволува стандардите за емисија на Euro 6. Станува збор за енергетски ефикасен автобус кој троши минимално количество на гас. Овој тип на автобус во Германија ја поседува ознаката „Син ангел“ и е прогласен за еко автобус за 2016 година во Европа. Град Скопје веќе се вброи во редот европски метрополи кои користат еко автобуси – изјави Кристијан Чушков, директор на ЈСП по потпишувањето на договорот.

Чушков објасни дека пробниот период во кој сообраќаат автобусите ќе се искористи Град Скопје и ЈСП Скопје да ги увидат предностите на еко автобусите, а добиеното искуство понатаму ќе се искористи во планирањето на модернизацијата на јавниот градски превоз.

Град Скопје во буџетот за годинава предвиде субвенции за набавка на еко-автобуси во висина од 100 милиони денари, а за приватните превозници во висина од 20 милиони денари. Во Скопје веќе возат два еко автобуси на гас, на линијата број 5 и линија број 2. На почетокот на овој месец, пак, во јавниот превоз се вклучи и електричен автобус кој вози на линијата со број 15.