Нов асфалт и реквизити на игралиштето „Партизан“ во Дебар Маало

115

Речиси по деценија и пол почна да се реконструира отвореното игралиште „Партизан“ во Дебар Маало, лоцирано до Судот за прекршоци. Градежните зафати се во завршна фаза.

Од игралиштето беше отстранета старата и оштетена подлога, а потоа беше поставен асфалт на површина од 1.050 квадратни метри. По барање на граѓаните, на игралиштето е изградена и нова вежбалница, со фитнес-реквизити, на кои заинтересираните ќе можат да вежбаат и да се рекреираат. Градежните активности се при крај и игралиштето ќе биде готово за неколку дена. Штом сѐ ќе биде комплетно, општината и градоначалникот по повод завршената реконструкција на „Партизан“ свечено ќе им го предадат во употреба на граѓаните, кои ќе бидат поканети на настанот.