Новогодишната магија ќе се спушти над плоштадот

258
Новогодишното украсување ќе чини 17.582.000 денари Фото: Маја Јаневска-Илиева

Заклучно со утрешниот ден, Скопје треба да ги добие новогодишните светилки и елката на плоштадот. И годинава ќе има украсени куќички од веќе познатата зимска населба Винтерленд, каде што скопјани ќе можат да навраќаат да се освежат или стоплат со некој пијалак. На малата сцена на плоштадот секојдневно ќе има настани наменети за забава на посетителите

Веќе од утре Скопје треба комплетно да блесне со новогодишен сјај, а украсените улици и плоштадот ќе треба да го означат почетокот на новогодишната атмосфера. Градот ќе ги долови новогодишната магија и еуфорија откако комплетно ќе ги постави украсните светилки на плоштадот „Македонија“ и централното градско подрачје заедно со новогодишната елка. И годинава ќе има украсени куќички од веќе познатата зимска населба Винтерленд, каде што скопјани ќе можат да навраќаат да се освежат или стоплат со некој пијалак, но и да си купат понекоја новогодишна дреболија или украс за својот дом. На малата сцена на плоштадот секојдневно ќе се случуваат различни настани, кои ќе го збогатат новогодишниот амбиент и ќе ги забавуваат посетителите, од најмладо до најстаро.

Новогодишното украсување на градот ќе го реализира „Линк медиа“, фирмата што ја доби отворената јавна набавка за изработка и реализација на проект за декорирање и украсување по повод Нова година. Вредноста на договорот изнесува 17.582.000 денари (со вклучен ДДВ). Во согласност со договорот, рокот да се постават светилки на плоштадот „Македонија“ и централното градско подрачје, како и новогодишна елка на плоштадот „Македонија“ е заклучно со 20.11.2019 година, а отстранувањето на светилките и елката треба да се реализира во периодот од 15 до 25.01.2020 година.

И оваа година на плоштадот „Македонија“ ќе се организира зимската населба Винтерленд, каде што ќе има голем број куќички украсени во новогодишен амбиент и мала сцена, на која секојдневно ќе се организираат настани што ќе го привлекуваат интересот на посетителите, без разлика на возраста. Новогодишната програма уште се подготвува, а од неа е познато само дека во најлудата ноќ присутните на плоштадот ќе ги забавува Дино Мерлин, познатата босанска балканска музичка ѕвезда.

И годинава, како и минатите години, ќе има настани што ќе бидат во фокусот на вниманието на најмладите, на дечињата, кои ќе сакаат да го видат Дедо Мраз, со неговите санки и елени, и да му порачаат со колкава радост и нетрпение ги очекуваат новогодишните пакетчиња од него. Новогодишната атмосфера ќе ја дополнат и општините, кои, пак, ќе украсуваат во своите делови онолку колку што ќе издвојат пари за тоа од своите општински буџети.
Новогодишната магија ќе ја дополнуваат и дедомразовците, на кои децата најмногу им се радуваат.