Нови правила за возење со градските автобуси

7531

Од денеска (вторник) не смее повеќе да има метеж и турканици во автобусите на јавниот градски превоз, како што беше тоа до пред велигденските празници. Патниците во возилата ќе мора да бидат на одредена раздалеченост, како мерка за заштита од ширење на заразата од коронавирусот. За превозниците што ќе возат со преполни автобуси ќе има и казни.
Владата на седницата што ја одржа на 16 април донесе уредба за дополнување на уредбата со законска сила за промена на Законот за превоз во патниот сообраќај за време на вонредна состојба. Со неа од денеска при вршење на јавниот превоз на патници, за време на траење на вонредната состојба, превозникот во возилото е должен да го организира превозот со задолжително одржување растојание од најмалку два метра меѓу патниците и може да има најмногу 50 отсто патници од вкупниот број седишта, не сметајќи го седиштето на возачот.

Уредбата предвидува дека глоба во износ од 250 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на физичко лице, ако врши превоз на патници спротивно од оваа уредба со законска сила. Глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на физичко лице трговец поединец и правно лице, ако врши превоз на патници спротивно на членот 3-а од оваа уредба. На одговорното лице во правниот субјект ќе му се изрече глоба во износ од 150 евра во денарска противвредност.

На како ќе се возат во автобусите ќе мора да внимаваат и граѓаните. Нивните забелешки за турканиците во автобусите беа оправдани, бидејќи навистина не се почитуваа никакви правила. Патниците им забележуваа на надлежните и на одлуката за редуцирање на автобусите, велејќи дека тоа не е вистинска мерка во време на пандемијава на коронавирусот. Напротив помалку автобуси предизикуваат поголеми метежи – коментираа изминативе деновиве граѓани што го користеа јавниот градски превоз. Тие се жалеа дека поради метежот во автобусите немало никакво растојание меѓу патниците, особено во шпицот. Освен тоа, многубројни биле и патниците што не ноеселе маски. Велеа дека иако не е дозволено да се стои на горните катови од двокатните автобуси, многумина стоеле и горе, но и на скалите од возилата, затоа што автобусите секогаш биле преполни.

Граѓани тврдеа дека вакви слики имало на повеќе линии, кои сообраќаат кон општините Аеродром, Бутел, Карпош, Кисела Вода… Патници исто така кажуваа дека ништо не била подобра состојбата ниту во приватните автобуси. Во нив не ги пуштале патниците да влегуват на предна врата, само на средна и задна. За преполнетите автобуси пишуваа и на социјалните мрежи, поставуваа и фотографии како доказ.
– Редуцирање на автобусите не е мерка што ќе нѐ заштити од коронавирусот! Еден апел до градоначалникот на Град Скопје и директорот на ЈСП „Скопје“, барем во термините кога е шпицот автобусите да се дуплираат на одредени линии за да се избегнат вакви метежи, кои придонесуваат за ширење на вирусот – пишуваат на социјалната мрежа Фејсбук, под фотографијата од преполн автобус, од групата „Јас сум од Општина Аеродром“.

Жителка од насебата Чаир велеше дека поради турканиците не се качувала воопшто во автобусите и секој ден на работа до центарот на градот одела и се враќала пеш.
– Еден до друг стоеја луѓето. Затоа не се возев во автобус, имам дома стари лица и за да не им пренесам вирус секој ден одев и се враќав пеш од работа. Не можеме сите да си дозволиме да се возиме со такси. Со редуцирање на автобусите се постигна само контраефект, па се чудиме колку новозаразени има – вели оваа чаирчанка.
Други, пак, се жалеа и на возниот ред на ЈСП и велеа дека откако ги редуцираа автобусите не се знае како и кога возат и дека на веб-страницата на ЈСП се објавени само термините на првите и последни поаѓања на автобусите. Некои објаснува за да стигнат на работа понекогаш ја давале половина дневница за такси, бидејќи немало автобуси. Од приватното превозничко претпријатие „Макекспрес“ признаваат дека имало метежи во автобусите и за актуелните состојби ни потврдија дури и со фотографии што самите ги направиле.

– Возниот ред сега е редуциран, таква одлука донесоа Град Скопје и ЈСП и ние како подизведувачи на работите мора да ја почитуваме. Запознаени сме дека автобусите се преполни, бидејќи поплаки стигнуваа и до нас. Ние го пренесовме ова до Секторот за сообраќај во Градот, но оттаму добивме известување дека сега наместо по саботен возен ред ќе возат по редуциран летен возен ред, што според нив значело повеќе возила. Така и возиме. Според упатствата од градот, нашите возачи возат со заштитни маски и ракавици и не пуштаат патници на предна врата, тие влегуват на средна и задна врата – објасни Војо Велевски, еден од основачите на приватното претпријатие „Макекпсрес“.

Неговиот партнер Милорад Димитриевски додава дека во овие услови одлуки се носат откако ќе се согледаат состојбите на терен, бидејќи јавниот превоз е жива материја. Треба да се следат случувањата на терен и соодветно да се реагира.


Градот тврди дека ретки биле случаите на полни автобуси

Од службите на Град Скопје има објаснување дека ги следат препораките на Владата за намалено користење на јавниот превоз, како превенција од ширење на вирусот.
– Како што е познато со прекинот на настава во сите образовни институции укинати се бесплатните средношколски и студентски билети, укинати се правата за бесплатен превоз за возрасните лица во вторник, петок, сабота и недела, нема автобуси за Водно. Сите овие фактори и намалената фреквентност и движење на граѓаните придонесоа за намалено користење на јавниот превоз, па од таа причина е донесена одлука за намалување на фреквентноста на автобусите-нагласуваат од градот.

Градскиот кризен штаб секојдневно заседава и будно ја следи состојбата. Од воведувањето на мерката за редуцирање на автобусите досега, ретки биле случаите на полни автобуси и проблеми со недостиг од автобуси. Нивните анализи покажувале дека од воведувањето на вонредната состојба во автобусите на ЈСП има 0,4 патници по 1 километар, или на една линија од 20 километри во просек се валидираат 8 патници.

– Свесни сме дека повремено знаат да се направат метежи на одредени линии со патници и Град Скопје и ЈСП будно ја следат состојбата, ги анализираат проблемите и ќе излезат во пресрет на граѓаните и секаде каде што ќе се појави проблем ќе се преземаат мерки за негово надминување – ветуваат градските власти.