Нова водоводна, фекална и атмосферска канализација на улица Македонско-косовска бригада во Чаир

142

Во склоп на активностите на Град Скопје за изградба на Македонско-косовска бригада од раскрсницата со булевар „Никола Карев“ до раскрсницата со булевар „Босна и Херцеговина“, ЈП Водовод и канализација – Скопје се вклучи со нова инвестиција од 19.310.000,00 денари од кои (7.430.000,00 за водоводна мрежа, 7.500.000,00 за фекална канализациска мрежа и 4.380.000,00 за атмосферска канализација).

Генералниот директор на ЈП Водовод и канализација – Скопје, Душко Весковски, заедно со градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, изврши увид на теренско техничките активности за реализација на овој проект.

– Со изведбата на новата водоводна мрежа во должина од 251 метри, ќе се продолжи постоечката ф300мм и ќе се поврзе со со новоизведената водоводна мрежа ф225 мм на бул. „Никола Карев“. Со поврзување на овие цевководи ќе се оформи еден циркулационен прстен, транзитен цевковод, потребен за обезбедување на квалитетно водоснабдување на локалитетите Серава и Саук Чешма, а ќе се создадат и предуслови за идно квалитетно водоснабдување на уличната водоводна мрежа од локалитетот Топаана која во иднина треба да се гради под услов да оваа населба добие валидна планска документација.

Новата фекална канализација ќе биде со профили од 250мм и 315мм со вкупна должина од 395,00м. Сегашната состојба се карактеризира со континуирано истекување на вода по коловозот која доаѓа од субстандардната населба Топаана каде жителите во недостаток на квалитетно изведена хидротехничка инфраструктура ја пуштаат отпадната вода да тече по нивните пристапни улици и канали кои постојат на лице место, преку кои таа гравитационо се слива кон ул.„Македонско-косовска Бригада“ односно и до бул.„Никола Карев“. Решавањето токму на овој проблем е една од главните цели за изработката на проектите а се очекува дека со реализација на оваа проектирана фекална канализација ќе се создадат услови за прифаќање на идна улична фекална канализација од локалитетот Топаана. За новата улична фекална канализација ќе бидат употребени полипропиленски цевки SN10, 13 нови полипропиленски шахти и самонивелирачки лиено железни капаци со светол  отвор ф600мм, класа 400, со систем на заклучување.

Трасата на атмосферската канализација, во должина од 319,50м, за двете делници, каде веќе постојат рецепиенти за прифаќање на атмосферската вода е поставена во најнискиот дел согласно попречниот профил на улицата, а прифаќањето на дождовните води ќе биде овозможено со поставување на сливници и една попречна решетка на крајот на првата делница пред раскрсницата со бул.„Никола Карев““ – посочи генералниот директор на ЈП Водовод и канализација – Скопје, кој истовремено изрази и благодарност до градоначалникот на општина Чаир, за добрата соработка и отворените можности за реализација на проекти кои се од големо значење за општината и за градот Скопје.