Нова водоводна, фекална и атмосферска канализација во Чаир

224

Во рамките на активностите на Град Скопје за изградба на булеварот Македонско-косовска бригада од раскрсницата со булеварот Никола Карев до раскрсницата со булеварот Босна и Херцеговина, јавното претпријатие „Водовод и канализација – Скопје“ се вклучи со нова инвестиција од 19.310.000 денари од кои 7.430.000 за водоводна мрежа, 7.500.000 за фекална канализациска мрежа и 4.380.000 за атмосферска канализација.
Генералниот директор на „Водовод и канализација“, Душко Весковски, заедно со градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, изврши увид на теренско-техничките активности за реализација на овој проект.
– Со изведбата на новата водоводна мрежа во должина од 251 метар, ќе се продолжи постојната ф300 милиметри и ќе се поврзе со новоизведената водоводна мрежа ф225 милиметри на булеварот Никола Карев. Со поврзување на овие цевководи ќе се оформи еден циркулациски прстен, транзитен цевковод, потребен за обезбедување квалитетно водоснабдување на локалитетите Серава и Саук Чешма, а ќе се создадат и предуслови за идно квалитетно водоснабдување на уличната водоводна мрежа од локалитетот Топаана, која во иднина треба да се гради под услов оваа населба да добие валидна планска документација – истакна Весковски.

Тој нагласи дека новата фекална канализација ќе биде со профили од 250 милиметри и 315 милиметри со вкупна должина од 395 метри.
– Сегашната состојба се карактеризира со континуирано истекување вода по коловозот, која доаѓа од супстандардната населба Топаана, каде што жителите во недостиг од квалитетно изведена хидротехничка инфраструктура ја пуштаат отпадната вода да тече по нивните пристапни улици и канали, кои постојат на самото место, преку кои таа гравитациски се слива кон улицата Македонско-косовска бригада односно и до булеварот Никола Карев. Решавањето токму на овој проблем е една од главните цели за изработката на проектите, а се очекува дека со реализација на оваа проектирана фекална канализација ќе се создадат услови за прифаќање на идната улична фекална канализација од локалитетот Топаана – нагласи тој.
За новата улична фекална канализација ќе бидат употребени полипропиленски цевки СН10, 13 нови полипропиленски шахти и самонивелирачки лиени железни капаци со светол отвор ф600 милиметри, класа 400, со систем на заклучување.

– Трасата на атмосферската канализација, во должина од 319,50 метри, за двете делници, каде што веќе постојат реципиенти за прифаќање на атмосферската вода е поставена во најнискиот дел во согласност со попречниот профил на улицата, а прифаќањето на дождовните води ќе биде овозможено со поставување сливници и една попречна решетка на крајот на првата делница пред раскрсницата со булеварот Никола Карев – посочи директорот на водоводното претпријатие, кој истовремено изрази и благодарност до градоначалникот на Општина Чаир за добрата соработка и отворените можности за реализација на проекти што се од големо значење за Општината и за Град Скопје.