Низ населбите сѐ поприсутна продажбата од камиони и трактори

227
Од градот велат знаат за оваа појава и преземаат координирани акции Фото: Маја Јаневска-Илиева

Најчесто дивите продавачи се паркирани под некоја сенка по парковските површини или тротоарите и сервисните улички, од каде што ги продаваат своите производи, дури и доцна навечер. Овие продавачи тука и ноќеваат, иако узурпирањето на парковските и другите јавни површини е недозволиво, како што е недозволива и продажбата на која било локација

Продажбата на овошје и на зеленчук од камиони и трактори е редовна појава како налето така и наесен. Периодов речиси нема населба во која не се забележуваат паркирани камиони или трактори од кои се продаваат лубеници, пиперки, домати и други видови зеленчук и овошје. Најчесто се паркирани под некоја сенка по парковските површини или тротоарите и сервисните улички, од каде што ги продаваат своите производи, дури и доцна навечер. Овие продавачи тука и ноќеваат, иако узурпирањето на парковите и другите јавни површини е недозволиво, како што е недозволива и продажбата на која било локација. Но, и покрај тоа, по населбите сѐ поприсутна е продажбата од камиони, трактори и други возила. И не само тоа, се подигаат и импровизирани тезги и стреи, што, пак, е исто така недозволиво и казниво. Колку се казнуваат овие продавачи на диво е сосема друго прашање. Проблемот со некои од нив е што честопати зад себе оставаат скапани производи, искршени картонски кутии и гајби. Од друга страна, пак, ги узурпираат и пешачките патеки или делови од сервисните улички, со што го загрозуваат сообраќајот. Во некои од населбите тие се на иста локација цело лето, веројатно затоа што никој не ги попречува во нивната работа. А општинските комунални инспектори имаат право да ги казнуваат овие продавачи по основа на немање дозвола за користење јавна површина, додека пазарните инспектори, пак, по основа на фактот дали физичките лица што вршат продажба се регистрирани трговци поединци. За проблемот велат дека се запознаени и надлежните од градот, кои тврдат дека често преземаат координирани акции со други инспекциски служби. Иако се знае дека земјоделските производи треба да се продаваат на пазар, дури и пред пазарите често гледаме паркирани камиони, приколки и трактори од кои се врши продажба на сезонски земјоделски производи. Некои од продавачите низ населбите поради оставањето отпад по продажбата го кршат и Законот за јавна чистота, а со тоа што узурпираат тротоари и улици го попречуваат и нормалното одвивање на сообраќајот, со што ја загрозуваат безбедноста на другите учесници. По овие два основа може, како што тврдат од Министерството за внатрешни работи, да ги казнува и сообраќајната полиција.

– Од страна на сообраќајната полиција при СВР-Скопје во периодот од 1 јануари до 5 август 2019 година на територијата на градот Скопје се преземени 75 мерки во врска со прекршоци за продажба од камиони и трактори на недозволени јавни површини. Постапено е според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата по членот 12 став 2, а казниво по членот 12 став 3, 4 и 5 од именуваниот закон и по Законот за јавна чистота по членот 14, а казниво по членот 31 од истиот закон. И во иднина ќе се продолжи со преземање мерки и санкционирање на прекршителите на Законот за безбедност на сообраќајот и Законот за јавна чистота – најавуваат од МВР
Од градот, пак, како што тврдат, реализираат акции со инспектори од други надлежни институции за да ја сузбијат појавата на дива продажба низ населбите.

– Инспекторатот на градот Скопје, во соработка со инспекциските служби на Државниот пазарен инспекторат, МВР и општинските инспекциски служби, интензивно работи на ослободување на јавните површини што се узурпираат од страна на т.н. диви продавачи. Оваа година беа спроведени голем број координирани акции за отстранување на дивите тезги пред големите зелени пазари, а беа отстранувани и возилата на нелегалните продавачи од повеќе локации. Како институции, ние имаме законска обврска да ги ослободиме улиците и тротоарите од сите пречки што му пречат на нормалното одвивање на сообраќајот во кој учествуваат моторните возила, велосипедистите и пешаците. Поради различните ингеренции, најефикасни се групните акции, каде што дејствуваат повеќе инспектори од различни институции заедно, додека нашите инспектори и комунални редари најчесто ги санкционираат дивите продавачи по основа на прекршување на Законот за јавна чистота. Градот Скопје, во соработка со сите други надлежни институции, ќе продолжи да дејствува во насока на сузбивање на оваа појава, во согласност со своите законски надлежности и ингеренции, за подобрување на животот на сите жители на Скопје – велат од градот.
И општините преку своите инспекциски служби имаат право да ги казнуваат дивите продавачи, бидејќи тие својата продажба ја извршуваат на недозволени места, за кои немаат дозвола за извршување таква дејност.

– Општината Центар, како единица на локалната самоуправа во државата, во согласност со своите законски надлежности, има право да ги казнува продавачите на овошје и зеленчук на нејзината територија. Општинскиот инспекторат во најголем дел од случаите ги санкционира продавачите врз основа на немање одобрение за користење јавна површина. За другите аспекти на „дивата“ продажба се надлежни и државните инспекторати, односно нивните подрачни единици (МВР, Пазарниот инспекторат, Санитарниот инспекторат итн.) – информираат од општината Центар.
Од Државниот пазарен инспекторат, пак, тврдат дека имаат одлична соработка со главниот градски инспектор и честопати настапуваат со акции на терен, организирано и со други инспекциски служби.

– Кога се во прашање вакви организирани акции, ускокнуваме колку што можеме. Не одиме веднаш со казнување туку најпрвин ги опоменуваме продавачите на диво. Ние можеме да постапиме по закон за трговија доколку физичкото лице не е регистрирано како трговец поединец. По првата опомена, пазарниот инспектор оди уште двапати на терен и ја следи состојбата и доколку лицето и натаму не отстапува и не постапува по трите опомени, одиме со парична казна, која по закон изнесува помеѓу 200 и 400 евра и одземање на производите што ги продава – објаснуваат од Пазарниот инспекторат.