Необележените пешачки премини опасност за пешаците

66
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Треба да се истакне дека во цело Скопје линиите на коловозите и на пешачките премини или не се обоени или се избледени, што ги доведува до загрозеност пешаците и велосипедистите. Вертикалната и хоризонталната сигнализација, освен на главните улици, се особено важни пред основните и средните училишта, градинките и сите други места каде што се движат децата. Градските власти немаат одговор кога ќе се бојадисуваат премините

Главниот град се соочува со сериозни сообраќајни проблеми. Поради сплет на повеќе околности, како што се зголемен број возила, несоодветни сообраќајници, долга и бавна реконструкција на булеварите и многу други ситуации, се создаваат долги колони и големи сообраќајни метежи. Kако една од причините за овие посериозни сообраќајни проблеми и безбедносната загрозеност, особено на пешаците, се и несоодветната хоризонтална и вертикална сигнализација на скопските улици. Поточно, немањето соодветни семафори на некои важни сообраќајници, како и необележените пешачки премини.

Хоризонталната и вертикалната сигнализација се исклучително важни за безбедноста во сообраќајот. Функционалноста на светлосната сигнализација (семафорите) и неопходноста за нивно почитување воопшто не треба да се споменуваат, но на скопските улици често може да се забележат прекршувања на ова основно сообраќајно правило. Треба да се истакне дека во цело Скопје линиите на коловозите и на пешачките премини или не се обоени или се избледени, што ги доведува до загрозеност пешаците и велосипедистите. Вертикалната и хоризонталната сигнализација, освен на главните улици, се особено важни пред основните и средните училишта, градинките и сите други места каде што се движат децата. Со почетокот на учебната година, важно е да се нагласи овој проблем и да се сврти вниманието кон него, за да се зголеми безбедноста на децата, но и да се зголеми свеста на возачите што се движат со преголема брзина во градското подрачје.

– Јас сметам дека пред секое основно училиште треба да има многу експлицитно уочлива сигнализација на патиштата и поголем број знаци од вообичаено, за да се привлече вниманието на возачите и тие значително да ја намалат брзината на улиците каде што е можно да има голема фреквенција на деца – вели Јован Христовски од Влае.

За означување, одржување и реконструирање на хоризонталната и вертикалната сигнализација на поголемите булевари и улици е надлежен градот Скопје преку своето јавно претпријатие „Улици и патишта“, додека за општинските улици се надлежни соодветните општини во кои се наоѓаат. За бојосување на коловозите (булевари, магистрали и собирни коловози), оваа година од буџетот на градот Скопје се издвоени 22.467.000 денари, за пролетното и есенското одржување. Но засега никој нема одговор на прашањето кога ќе се бојадисуваат пешачките премини и другите хоризонтални линии, што ќе им овозможи побезбедно движење и на возилата и на пешаците.