Нема повеќе диви продавачи на „Бит-пазар“

1750
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Наместо картонски кутии, булеварот Крсте Мисирков ќе го красат дрвореди

Нема повеќе диви продавачи на „Бит-пазар“. Нема ниту картонски кутии и остатоци од отпад, кои беа евидентни по секој одработен ден на пазарот. Комуналците вчераутро ги изметоа тротоарите и ги собраа картоните, а јавната површина пред пазарот и пред „26 Јули“ по многу години е ослободена од дивите трговци. Сега на тротоарот близу пазарот ќе се оформи и уште една градска такси-станица, а планирано е и хортикултурно уредување покрај сообраќајницата. Многу скоро булеварот Крсте Мисирков ќе добие дрворед од двете страни, а на тротоарите ќе се постават заштитни столпчиња. Поради планираните новини, неминовно беше да се отстранат дивите пазарџии, кои и онака беа нелојална конкуренција за трговците што уредно си плаќаат за продажба на своите производи во рамките на пазарот.

Токму затоа, и покрај најавениот втор протест на дивите пазарџии, градот Скопје, во соработка со општината Чаир и со асистенција на полицијата, беше одлучен да се испразни „Бит-пазар“ од дивата продажба на картонски кутии. Изминатите години се правеа многу акции за расчистување, повеќе пати и во повеќе наврати во организација на Пазарната инспекција и полицијата, но продавачите повторно се враќаа. И завчера и вчера побараа да се вратат со неколкучасовен протест, затворајќи го за сообраќај булеварот Крсте Мисирков. Градот и општината Чаир беа одлучни да се расчисти „Бит-пазар“ од диви продавачи. Од општината велат дека во соработка со „Скопски пазар“, на луѓето што заработуваа за гола егзистенција им понудиле поволни услови за продажба во рамките на пазарот, па дури им била дадена можност да продаваат на пазарот бесплатно во првите три месеци.. Тие не сакале да прифатат. Градот, пак, и официјално соопшти дека покрај уредувањето на булеварот, дополнително се планира да се уредат и осветлат пасажите во Старата скопска чаршија.

Планираните зафати на булеварот и реконструкцијата на „Бит-пазар“ според проектот на „Скопски пазар“ беше причина и продавачите на цвеќе да добија нова локација.
– И натаму цврсто стоиме на одлуката да се дислоцираат дивите пазарџии и тоа поради реконструкцијата на булеварот Крсте Мисирков и изградбата на „Бит-пазар“. Трговците имаа рок да се договорат со „Скопски пазар“, но не се договорија и ние уште долго потоа ги толериравме. Ниту цвеќарите не се согласија со новата локација зад поликлиниката на „Бит-пазар“, бидејќи им опаѓал прометот, но им кажавме дека со помош на медиумите ќе ги информираме граѓаните за новата локација. Ние нема да отстапиме од донесеното решение и во координација со градот ќе ги реализираме планираните проекти – вели Куштрим Ала, одговорен за информирање во општината Чаир.

Градот Скопје и општината Чаир со поддршка на занаетчиите на Старата скопска чаршија и Комората на трговци на Република Македонија почнаа да ги ослободуваат улиците и тротоарите од сите препреки што го оневозможуваат нормалното одвивање на сообраќајот во кој учествуваат моторните возила, велосипедистите и пешачите.
– Наша цел е да изградиме партнерски однос при што никој нема да биде оштетен, ниту трговците ниту учесниците во сообраќајот. Светските искуства покажуваат дека воведувањето ред е за доброто на сите, особено за трговците бидејќи овозможува подобра трговска комуникација.

Веруваме дека придобивките од ваквиот потег ќе бидат согледани многу брзо и дека иницијативата за ослободување на улиците и тротоарите во градот ќе биде поздравена – порача Ваљон Салиху, раководител на Службата за информирање во градот.