Невработени лица ќе бидат ангажирани за општинско-корисна работа

212

Дваесет невработени лица ќе бидат ангажирани за општинско-корисна работа од страна на градот Скопје. Десет од нив ќе бидат со скратено работно време во период од девет месеци, како образовни асистенти на лица со посебни образовни потреби во девет средни училишта на територијата на градот, а по пет ќе бидат ангажирани како персонални асистенти на лица со телесна попреченост и негуватели на стари и снеможени лица. Лицата што ќе ја вршат оваа работа ќе треба да исполнат 20 часа работа неделно и за тоа ќе добиваат месечна надомест од девет илјади денари, а во рамките на проектот ќе имаат и платена обука.

Овие ангажмани се во рамките на програмата за општинско-корисна работа, во која се вклучува градот, во рамките на проектот „Социообразовни придобивки преку поддршка на ранливите категории на граѓани на територијата на градот Скопје“.
Главните цели на проектот се подобрување и унапредување на социјалните услуги на територијата на главниот град, со посебен акцент за социјално ранливите категории на граѓани и нивните секојдневни потреби. Луѓето што ќе бидат работно ангажирани во проектот ќе добијат практично искуство и стручно оспособување, со што ќе бидат вклучени на пазарот на труд.

Овој проект е во организација на градот Скопје, Програмата за развој на Обединетите нации и Агенцијата за вработување, а партнери во проектот се и сојузот на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“ од Скопје и здружението за поддршка и развој „Хуманост“.