На Скопје му фалат оџачари, ама и пожарникари

1658

На скопската противпожарна бригада ѝ недостигаат уште 124 пожарникари доколку сега се вработат 50 нови лица. За овие борци со пламените јазици да одговорат на европските стандарди, бригадата треба да има 384 вработени пожарникари. Ова го истакна Звонко Томевски, командантот на Бригадата за противпожарна заштита на Скопје, на одбележувањето на Денот на пожарникарите. Тој додаде дека најголем проблем е што просечната старост на пожарникарите е 48 години, а голем број негови колеги веќе заминале во пензија. Тоа значи дека недостигаат млади луѓе што ќе се одлучат да ја работат оваа професија. Во Скопје, освен што недостигаат пожарникари, ни фалат и оџачари, а фактичката состојба покажува дека сѐ помалку младите се одлучуваат да ги работат овие професии. Оттаму се поставува и прашањето како тие да се стимулираат, доволни ли се 400 евра плата за да се соочат со предизвиците на оваа професија или многу повеќе од тоа.

– За да се приближи оваа многу важна професија до граѓаните, во пресрет на Денот на пожарникарите, изминатиот викенд беше одржан отворен ден, каде што во саботата и неделата граѓаните имаа можност детално да се запознаат со можностите и потребите на противпожарната бригада. Во периодот пред распишување и за време на траењето на конкурсите, градот Скопје со сигурност ќе преземе и други промотивни активности за да се привлече вниманието на сите заинтересирани да конкурираат за прием во редовен работен однос – објаснуваат од градот.

Додаваат дека професијата пожарникар е специфична и затоа бара повеќе време за изработка на конкурсните решенија и на нив во моментов се работи и потоа ќе биде распишан конкурс за вработување.

– Оваа година во Бригадата за противпожарна заштита предвидено е да бидат примени 50 пожарникари. Во согласност со европските стандарди, пропорцијата е еден пожарникар на 1.500 жители, додека моменталната состојба во Скопје е еден пожарникар на 3.500 жители. Со овие вработувања ќе се зголеми капацитетот на бригадата за справување со предизвиците при извршувањето на работните задачи, а истовремено ќе е чекор поблиску до исполнување на европските стандарди – рече градоначалникот Петре Шилегов на свеченоста по повод одбележувањето на 20 Мај – Денот на пожарникарите. С.К.