На заслужните од градов ќе им биде врачена наградата „13 ноември“

248

Свеченото врачување на наградите „13 ноември“ ќе се случи денеска, точно напладне, во ВИП-арената „Борис Трајковски“, а имињата на добитниците веќе се познати, откако ги објави Одборот за доделување на оваа награда на градот Скопје. Наградата „13 ноември“ им се доделува на физички и на правни лица како знак за признание од градот за остварувања во стопанството, науката, публицистиката, уметноста, културата, воспитанието и образованието. Исто така за придонес и остварување во областа од здравствената и социјалната заштита, спортот и физичката култура, техничката култура, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и во други сегменти на животот. Како и на оние што се вложиле во трудот и творештвото, што претставуваат посебен придонес за развојот на градот и за неговиот севкупен напредок и афирмација во Република Македонија и во светот.

Наградите ги доделува Сојузот на спортови на Скопје.

Во рамките на активностите за одбележување на 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје, изминативе денови се одржаа поголем број рекреативни и спортски манифестации. Во спортската сала „Македонски херои“ на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје се одржа петтото издание на турнирот во карате „13 Ноември“. Во организација на Сојузот на спортови на Скопје имаше велосипедско дефиле, на кое учествуваа голем број велосипедисти. Во спортскиот центар „Борис Трајковски“ по деветти пат се одржа меѓународниот џудо-турнир „Миоки опен“.

Ослободувањето на Скопје го одбележа и меѓународен младински турнир во борење во спортската сала во Чаир „Шабан Трстена“. Традиционалната атлетска трка „13 Ноември“, на која учествуваа повеќе од 200 натпреварувачи, исто така беше дел од одбележувањето на ослободувањето на Скопје.