На градот му е потребен ефикасен транспортен и урбанистички систем

122
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според најновиот извештај од 2019 година за квалитетот на воздухот во Европа од Европската агенција за животна средина, во 2016 година во земјава од некаков вид загадување починале 3.580 лица

Надлежните и администрацијата на Скопје вообичаено во периодите на загадување на воздухот апелираат до граѓаните повеќе да користат други алтернативни начини на превоз освен автомобилот, за да се намали загадувањето на воздухот во градот. Еден од тие начини претставува и користењето велосипед како превозно средство. Во градот, за разлика од други метрополи, може да се забележат мал број лица што го користат велосипедот како главно превозно средство. Доколку се промовира овој поеколошки пристап како што е практика во другите европски градови, при што целта е да се зголеми бројот на корисниците на велосипеди и да се намали загадувањето, се поставува прашањето дали тоа е возможно. Дали воопшто може да се користат други начини на превоз освен автомобилот, без притоа да се изложува животот на граѓаните во сообраќајна опасност?

Според најновиот извештај од 2019 година за квалитетот на воздухот во Европа од Европската агенција за животна средина, во 2016 година во земјава од некаков вид загадување починале 3.580 лица. Според овие податоци, евидентна е потребата за примена на незагадувачки и поеколошки пристап во транспортот за да се намали загадувањето. Според „Скопје на точак“, во 1960-тите години имало илјадници велосипеди што биле дел од Скопје. Според некои податоци, секој втор граѓанин имал велосипед. Ова покажува дека во минатото сепак Скопје бил град со развиена велосипедска култура.

Иако температурите паднаа, сепак можат да се забележат некои од жителите на Скопје како продолжуваат да ги користат своите велосипеди како превозно средство. Станува збор за мал број граѓани што го користат велосипедот. Се поставува прашањето дали може да се зголеми нивниот број со што би се намалило и загадувањето доколку не користат автомобил. Но дали е возможно тоа?

Невладината организација „На точак“, во соработка со други здруженија, упати предлог за измена на Законот за урбанистичко планирање до Комисијата за транспорт, врски и екологија. Поголем дел од упатените предлози се за измена на неколку члена од законот за урбанистичко планирање и за потребата од воведување енергетска ефикасност во сообраќајот.

– Енергетската ефикасност формално е цел високо подигната во агендите на единиците на локална самоуправа, меѓутоа фокусот е на само еден сегмент – фасадите на објектите. Урбанистичкото и транспортното планирање сѐ уште се традиционални и не ги користат најновите сознанија од оваа област. Имено, преку тоа како се поставени објектите во просторот, како се разместени функциите во градот и околината (домување и работни зони) многу се влијае на потрошувачката на енергија и на изборот на превоз – наведуваат од невладината „На точак“ во предлогот.
Остварувањето енергетска ефикасност во сообраќајот најпрво се постигнува во урбанистичкото планирање, потоа во сообраќајниот модел и на крајот во ефикасноста на поединечните возила.

– Енергетска ефикасност во сообраќајот може да се постигне преку ефикасен систем, ефикасно патување и ефикасни возила. Ефикасниот систем подразбира организирани патни, социјални и економски активности на таков начин при што ќе се намали потрошувачката на фосилни горива. Под ефикасно патување се подразбира правење енергетско ефикасни модели како јавниот транспорт и немоторизираните режими за намалување на потрошувачката на енергија по патување. Под ефикасни возила се подразбира трошење најмалку енергија што е можно по возило на километар преку користење напредни технологии и горива и преку оптимизирање на работата на возилото – се наведува во предлогот од „На точак“.

Друг предлог е наменет за обезбедување мерки за поттикнување на одржливиот транспорт и мерки за безбедност во сообраќајот. По степенот на одржливост, типовите копнен транспорт се подредуваат хиерархиски на следниот начин: пешачење, користење велосипед, јавен превоз, индивидуален автомобилски превоз. Целта на овој предлог е да се зголемат опциите за пешачење и за користење велосипед. Тоа би значело повеќе пешачки и велосипедски мостови, а намалување на пристапот за возење автомобили.

– Начелото на автоцентричност не е никаде запишано во претходните законски и подзаконски решенија. Транспортот не се гледа како целина, како систем што може да се моделира и притоа да се обезбедува успешна мобилност за луѓето и добрата на различни начини од кои одредени начини на превоз треба да се поттикнуваат, а други да се обесхрабруваат. Напротив, транспортот се гледа како некаква зададеност (од виши сили), дека мора да се обезбедуваат услови за растечкиот број возила, без притоа да се обезбедат ниту основни услови за пешачење, возење велосипед и јавен превоз – велат оттаму.

Македонија во рамките на Обединетите нации во 2015 потпиша Конвенција за национален придонес кон ублажувањето на климатските промени, поточно дека ќе ја намали емисијата на јаглерод диоксид за 30-36 отсто до 2030 година. За да се случи тоа, потребни се сериозни промени и во сообраќајот.

– Заложбите од конвенциите мора да се преточат, најпрво во закони и правилници, а потоа и во конкретни проекти, инаку се празни зборови на хартија – се наведува во предлогот од „На точак“.