На булеварот Босна и Херцеговина возилата подрипнуваат преку куп камења

89
Раскопаниот дел од улицата ги мачи и возачите и пешаците

Раскопаниот дел од асфалтот кај старите општински бараки во Бутел е полн со остри камења. Никој не го санира раскопаното

По раскопан коловоз на булеварот Босна и Херцеговина, со широчина од речиси еден метар, веќе цел месец се движат возилата пред семафорите кај старите општински бараки во Бутел. Раскопаниот дел од асфалтот е полн со остри камења. Раскопаниот асфалт е опасност за возачите, додека, пак, раскопаниот тротоар е опасност за пешаците, кои често за да побегнат од крупните камења и прашина одат по коловозната лента за да стигнат до автобуската станица спроти градилиштето на аголот од семафорите. Никој не го санира раскопаното, а минувачите секојдневно голтаат прашина и се доведуваат во опасност од несреќи. Кој ги направил ископувањата граѓаните не знаат, но она што им е познато е дека речиси цел месец останаа раскопани коловозот, тротоарот и дел од исушениот парк, спроти градилиштето. Оние што одлучуваат да пешачат низ паркот, за да избегаат од камењата, повторно ризикуваат да газат во прав, бидејќи паркот е исушен и делумно уништен од камионите и градежните машини, кои тука поминале и оставиле траги.

Од општината Бутел не знаат кој ги вршел ископите на коловозната лента и на дел од тротоарот, а од градот Скопје објаснуваат дека вршат прекопи за поставување канализациски водови на новиот булевар. Но од друга страна, пак, градежните работи на оваа сообраќајница, како да подзастанаа и речиси ништо видливо не се работи.

Голема градежна офанзива се реализира на градските улици во централното градско подрачје, но некако замреа градежните зафати на проширувањето на булеварот Босна и Херцеговина. Градежните материјали и уличните рабници на палети од едната и само една градежна машина од другата страна на улицата покажуваат дека сообраќајницата ќе се гради. Забраздениот дел од просторот пред фирмите кај железничката станица Скопје Север само потсетува на минатогодишното означување на почетокот на проширувањето на улицата, која треба да стане булевар. Од другата страна на спојот со улицата Кристијан Тодоровски-Карпош, кај таканаречените социјални згради, исто така само се означија новите булеварски ленти и дел од булеварската жардиниера, кои треба да продолжат да се градат. Некаде на средината на овој потег е раскопаниот дел од коловозот.

– Градежните активности за проширување на булеварот Босна и Херцеговина се во тек и според предвидената динамика треба да завршат следната година. Во конкретниов случај, станува збор за прекоп за поставување инсталации, како дел од изградбата на булеварот и прекопот набргу ќе биде саниран. Паркот не е во надлежност на градот Скопје, а посочените оштетувања не се настанати при градежни активности на градот Скопје – велат од градот.

Чии камиони оставиле траги во парковската површина останува да провери општината Бутел, која можеби и ќе се погрижи да го санира паркот, кој летово, меѓу другото, се исуши затоа што не беше наводнуван. Инаку почетокот на градежните зафати за изградбата на новопроектираниот булевар Босна и Херцеговина беше свечено означен лани во септември, со раздвижени багери на терен и со присуство на градоначалниците на Скопје, Петре Шилегов, и на општината Бутел, Велимир Смилевски. Според тогаш најавеното, новиот булевар ќе има по три коловозни ленти во двете насоки, пет метри зелен појас во средината, странично зеленило, како и пешачки и велосипедски патеки од двете страни. Проектот е во вредност од околу 150 милиони денари. Градоначалникот Петре Шилегов тогаш најави дека овој булевар ќе биде долг околу 1.400 метри и широк 40 метри. Од градот Скопје тогаш информираа дека реализацијата ќе се одвива во согласност со предвидената динамика, а рокот е 18 месеци од денот на воведот во градежните работи.