Најчести подароци за празниците

313
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Празничната еуфорија ги растрча граѓаните, па едни побрзаа да купат подароци, други да набават разновидна храна за празничната трпеза.
Најважно од сѐ беше навреме да се купат пакетчиња за најмалите, кои секогаш им се радуваат на слатките подароци. Секој на свој начин во рамките на своите можности се подготвуваше да си ги направи што поубави празничните денови.
За повеќето од граѓаните прифатлива варијанта беше новогодишен пречек во семејна атмосфера во нивните домови, а така ќе биде и за големиот христијански празник Божиќ. Токму затоа периодов се приготвуваа и се купуваа намирници и подароци за да се овозможат што побогата трпеза и попријатна атмосфера. Но за што најчесто и колку пари деновиве трошеа граѓаните за да си овозможат убава празнична забава.

Според процените, едно четиричлено семејство само за храна и пијалаци за новогодишната ноќ потрошило некаде околу од 3.500 денари. Доколку се додадат новогодишните пакетчиња и подароците, тогаш сигурно се издвоиле многу повеќе пари од семејниот буџет. Една традиционална македонска новогодишна ноќ не може да се каже дека поминала убаво и комплетно, доколку на менито нема руска салата, месо, сувомесни производи, грав и сарма. Истовремено не смее да изостанат благите работи како чоколадото, тортата или нешто со што би си ја засладиле душата по убавата новогодишна вечера. Трпезата ќе биде посна само за бадниковата вечера, а потоа за Божиќ повторно ќе се принесуваат мрсни јадења.

– На мојата трпеза за Нова година мора да има свинско месо, руска салата и кифли пред сѐ. Правиме сарма, грав, мора да има и туршија, но докупуваме зеленчук и овошје и една торта. Исто така сакаме да има домашно винце и, за среќа, имаме од каде да го земеме. Приближно вака ја поминуваме секоја Нова година со фамилијата. Имало години кога имало плус или минус од наведените работи за јадење, но секогаш морало да има руска, месо и кифли. Без тоа не се може. Богато ќе биде и за Божиќ – вели Ана Рајчевска.

Според побарувачката, помладите претежно се заинтересирани за жестоки пијалаци, додека постарите за вино и пиво. Исто така од некои маркети дополнуваат дека чоколадите и новогодишните пакетчиња се најбарани периодов.
За Нова година граѓаните сакаат да си даруваат нешто, многумина од нив од разни причини се одлучуваат за подароци што не се од голема материјална вредност туку што имаат емоционална вредност.

– Колку и да сум стара секогаш ќе сакам новогодишно пакетче. Не зборувам за пакетче што крие некаков подарок туку за новогодишно пакетче со разни видови чоколадо. Исто така обожавам да подарувам и сакам подароци, всушност, некако Нова година без да подарам нешто, не ми е Нова година.
Секоја година излегуваме со сестра ми и им купуваме подароци на нашите најблиски. Омилен подарок за мене е книгата, а своевремено многу сакав и мечиња. Најчесто подарувам филџани за чај со новогодишна слика, џемпери, шалови, капчиња, парфемче и сето тоа подарено со многу љубов и секогаш со посебна посвета. Во принцип сакам да подарам работи што немаат одредена материјална вредност бидејќи таквите обично се најценети. Ги сакам овие празници, им се радувам на Божиќ и на бадниковата вечера и едвај чекам да видам кому ќе му се падне паричката – вели Сандра Петревска.

Според трговските објекти за модни додатоци и накит, за новогодишните празници граѓаните се одлучуваат на елегантни, класични и спортски часовници. Помладите претежно се повеќе заинтересирани за спортски и тактилни часовници. Додека, пак, повозрасните речиси секогаш бараат класичен елегантен автоматски часовник од безвремен карактер, кој никогаш не излегува од мода. Истовремено периодов дамите се заинтересирани за разни модни додатоци како и за ѓерданите и синџирчињата. Тие ги обожаваат часовниците со претежно минималистички дизајн, кои се задолжителни за секоја модерна, современа и урбана жена. Најпасионираните љубители и колекционери на часовници, редовно се одлучуваат да ја дополнат својата колекција со некој најнов модел од полуксузните брендови.

Од ИТ-продавниците велат дека граѓаните периодов зачестено купуваат разни уреди и делови за компјутери пред Нова година.
Некои, пак, сакаат да подарат цвеќе, а најчесто сега се купува и се подарува цвеќето божиќна ѕвезда, кое е специфично по тоа што цвета баш околу Божиќ.
Многу семејства за новогодишните и за божиќните празници својот дом го украсуваат со ова цвеќе. Името го добило поради листовите, кои му се во облик на ѕвезда, а наедно и дека цвета за Божиќ.