Најмладите најмногубројни посетители на Саемот на книгата

840
Фото: Игор Бансколиев

Христијан Јосифовски

Многу млади и љубопитни лица на  годинава во ВИП-арената „Борис Трајковски“. Голем број групи ученици од основните и средните скопски училишта, кои ги впиваат насловите на книгите, а очите истовремено им шетаат по шаренилото на штандовите. И не само млади, општ е впечатокот дека годинашниов саем е исполнет со голем број љубители на пишаниот збор. Можеби новата локација, бесплатниот влез за организираните ученички групи, можноста за паркирање и, секако, двете вонредни автобуски линии на јавното сообраќајно претпријатие само им го олеснија на граѓаните одењето на саемот. Тоа можеби придонесе за многубројна посетеност, која настанот го збогати со нова енергија и атмосфера. Голем број ентузијастични млади лица што си заминуваат со книга во рака беше сликата што ја видовме на годинешниот Саем на книгата.

За новата локација едногласно и недвосмислено, претставници на издавачките куќи, а и некои од посетителите се согласуваат дека не може да го достигне и доживее духот што постоеше на Саемот на книга кога се одржуваше изминатите години на Скопски саем. Велат дека тесниот простор за големиот број издавачки куќи и големиот број посетители создаде извесни тешкотии, како задушливост и зголемена температура во објектот.

– Соработката со Министерството за култура, како покровител на манифестацијата, Владата на Република Македонија и градот Скопје заедно со ЈСП, со воведувањето на двете вонредни линии, придонесоа, покрај промената на локацијата, на Саемот на книгата уште повеќе да го зацврсти своето постоење. Ова е голем напредок, кој резултира со извонредна бројка од 44.300 посетители, а саемот уште не е завршен. Кога сите релевантни институции ќе ја дадат поддршката за ваква манифестација, успехот е неизбежен – изјави вчера Сања Кондарко, проект-менаџерка на Саемот на книгата.

И некои од оние што дошле како посетители имаа забелешка дека просторот е мал за толку многу штандови.
– Овој простор е многу тесен. За ваков настан, со толкава понуда на книги и посетители, објектот е мал. Атмосферата е енергична, се забележуваат повеќе млади лица. Забележив дека излегуваат со книги во рацете, а тоа е добро, треба да се чита – вели Мислим Зендели, универзитетски професор од Тетово.

На штандот на „Анропол“ ни рекоа дека Скопскиот саем е незаменлив, но со новата локација мора да се помират, бидејќи има предности и слабости и во претходниот и во сегашниов објект. Велат дека „Борис Трајковски“ е понова зграда и невремето со пороен дожд не го ни почувствувале. Но затоа, пак, е проблем вентилацијата кога се присутни многу луѓе, а поголемата масовност велат дека ја овозможиле и двете вонредни автобуски линии.

За претставниците, пак, на „Академска книга“ новата локација нема дух на саем на книга, но велат дека веројатно ќе се навикнат, исто како и посетителите.
– Во утринските часови организирано ни доаѓаат ученици од најразлични основни и средни училишта, додека во попладневните часови ни доаѓаат малку повозрасните. Годинава како да имаше многу повеќе млади во споредба со претходните години. Таков е впечатокот на некои од нас, претставниците на издавачките куќи. Тоа можеби треба да радува – ни рекоа од книготеката „Икона“.

Претставниците на штандот на „Атропол“, како и од „Академска книга“, исто така потврдија дека најмногубројни на саемот се организираните групи ученици. Тоа велат дека ги прави задоволни кога младата читателска публика е заинтересирана за книгата и убавиот литературен збор. За голем дел од претставниците на штандовите на книги впечатокот е заеднички дека годинава посетеноста на саемот е поголема од лани, затоа што се наоѓаат во Карпош, а не во Автокоманда. Гледајќи од страна, можеше да се заклучи дека посетителите на штандовите се интересираат за книги за готвење, научна фантастика, трилери, стручна литература и за романи. Ова ни ги потврдија и некои од штандовите и додадоа дека се изненадени што помладите читатели се заинтересирани за книгите и литературата што им е надвор од школската програма, односно не им е задолжителна.

Повозрасните, пак, бараа трилери и класици, но не видовме речиси никој да побара нешто од македонски автори. Оние што деновиве постојано се на саемските штандови на шега велат скопјани претежно читаат „лимонатки“‘, класици. Ако претходната година тинејџерите купувале стручна литература, годинава поголем интерес покажале кон белетристиката.

Заклучно со вчерашниот, претпоследен ден, на саемот имало 44.300 посетители, од кои 21.500 ученици. Тие наведуваат дека е надмината вообичаената посетеност, зашто во овој број не е внесен одѕивот од последниов ден, а лани во сите денови имало околу 45.000 посетители, и тоа во неколку саемски хали на старата локација.