Најголемиот зелен градски пазар на покривот ќе има паркинг

4285
Во делот на сегашната тротоарна површина пред влезот на пазарот, спроти аптеката на „Зегин“ предвидена е фонтана, која ќе му даде сосема нов лик на тој дел

Реконструкцијата на „Бит-пазар“ веќе е почната, а со тоа и првата фаза од реализацијата на проектот на „Скопски пазар“ за реконструкција на пазарот и негово целосно покривање. Проектот е само уште една нова инвестиција што беше предвиден со реконструкцијата на инвестициската програма на компанијата од 2016 година. Со реконструкцијата на „Бит-пазар“ предвидено е поставување 1.000 нови пазарски тезги, потоа целосно ќе биде обновена инфраструктурата во рамките на пазарот, а секако ќе биде поставена и нова водоводна мрежа. Зелениот пазар целосно ќе биде покриен, а на покривот е планирано паркирањето за купувачите и за продавачите. На покривното паркиралиште ќе има простор да се паркираат 230 возила.

Возилата ќе се искачуваат до паркингот по косата влезна патека, која ќе биде изградена на просторот каде што до пред десетина дена беа распослани дивите продавачи на „Бит-пазар“. Тие меѓу другото се дислоцираа и поради реализацијата на реконструкцијата на пазарот, а секако најпрвин поради уредувањето на булеварот Крсте Мисирков.

Во рамките на новореконструираниот пазар, проектот предвидува и изградба на нов деловен простор со корисна површина од 600 квадратни метри

Во рамките на новореконструираниот пазар проектот предвидува и изградба на нов деловен простор со корисна површина од 600 квадратни метри. Во планот на новото решение предвидена е и нова урбана опрема, како клупи, канти за отпадоци, а секако и хортикултурно уредување. Во делот на сегашната тротоарна површина спроти аптеката на „Зегин“ е предвидена изградба на фонтана, која ќе му даде сосема нов лик на тој дел од влезот кон пазарот и кон портата на Старата скопска чаршија. Фонтаната ќе биде централна на мини-плоштадското решение. Плоштадот ќе биде ограден со бетонски столбови и покриен со павер-елементи. На истиот простор ќе бидат засадени и неколку дрвја.

– Со реализацијата на проектот за „Бит-пазар“ очекуваме да се реши и досегашниот хаос на „Бит-пазар“ како со дивите продавачи, така и со паркирањето. Граѓаните ќе се паркираат на новоизградениот паркинг на покривот од пазарот, а во непосредната близина ќе има и нова такси-станица. Сето ова со реконструкцијата на булеварот ќе му даде нов печат на просторот и ќе се воспостави конечно ред на „Бит-пазар“. Ќе се стави крај на нелегалната конкуренција на пазарџиите, а „Бит-пазар“ ќе стане урбан и уреден дел од градот, вели Куштрим Алла, портпарол на општината Чаир.

Со реализацијата на проектот за реконструкција на „Бит-пазар“, ќе се подобрат функционалноста и условите за работа на пазарџиите, а на граѓаните ќе им се овозможи еден нов и модерен начин на пазарување во пазар од затворен тип. Со тоа, пак, ќе бидат далеку попријатни условите како за купувачите, така и за работа на пазарџиите како во зимскиот, така и во летниот период. Реализацијата на проектот ќе се одвива фазно, односно во три фази, а во моментов е почната првата со која се реконструираат пазарните тезги.