Наместо шпански скали нов плоштад пред ГТЦ

580
Градежниците забрзано работат на уредување на теренот Фото: Маја Јаневска-Илиева

Новата плоштадска површина од Градскиот плоштад до влезот на ГТЦ ќе се простира на површина од околу 5.000 квадратни метри. Се очекува работите да завршат до 13 ноември, Денот на ослободувањето на Скопје. Плочникот ќе биде составен од три различни вида плочки, ќе бидат засадени 22 костени, ќе има патека за лицата со инвалидитет

Просторот пред Градскиот трговски центар е претворен во вистинско градилиште. Градежните работници веќе го извадија стариот асфалт, а камионите и градежни машини забревтано работат на подготовка на теренот за негово уредување. Се уредува нова плоштадска површина, која ќе се протега на простор од 5.000 квадратни метри и ќе ги добие сите видови урбана опрема. Градоначалникот на Скопје, како што веќе јавно кажа, се надева и очекува дека градежните работи ќе финишираат идниот месец и новоуредената плоштадска површина ќе биде достапна за граѓаните до 13 ноември – Денот на ослободувањето на Скопје.

На просторот пред објектот на „Лумикс“, наместо тезгите со продавачите на француски крофни, пуканки и сувенири, скопјани ќе добијат нов уреден и озеленет простор, кој ќе ги поврзува ГТЦ и постојниот Градски плоштад со фонтаната „Воин на коњ“. Новоуредената површина комплетно ќе го промени ликот на овој простор пред старата стоковна ќуќа „Типо“ или некогашната „Нама“, како што повеќе ја паметат повозрасните. Надлежните очекуваат дека овој дел од централното градско подрачје ќе стане модерно и привлечно место за граѓаните. Проектот предвидува мозаично уредување со три вида плочки, а освен тоа што ќе бидат посадени нови фиданки, ќе биде поставена и нова урбана опрема во просторот како клупи, кошници за отпад, ново осветлување и заштитни столпчиња, кои ќе го спречат влегувањето на недисциплинираните возачи, кои умеат да возат дури и во строгиот центар на Скопје.

– Градот Скопје работи на повеќе проекти во централното градско подрачје, со крајна цел менување на изгледот на централното градско подрачје со нови стандарди. Тука влегува изработката на зелениот покрив на ГТЦ и паркот „Ибни Пајко“, како и проектот за претворање на малиот ринг во пешачка зона и затворањето на улицата Димитрија Чуповски за сообраќај. Проектот за уредувањето на плочникот влезот на ГТЦ и Градскиот плоштад се одвива на површина од околу 5.000 квадратни метри. Тука, покрај нов плочник составен од три различни вида плочки, ќе бидат засадени 22 костени, ќе биде изведена патека за лицата со инвалидитет, а ќе биде поставена и соодветна урбана опрема со оптимален број клупи, канти за отпадоци, осветлување и заштитни столбови – информираат од градот Скопје.

На новооформениот простор, на патот од ГТЦ до Градскиот плоштад, по специјалната патека многу полесно ќе се движат и лицата со инвалидитет. Така, тие многу полесно ќе можат да стигнат и до паркот „Жена-борец“, кој, пак, има дактилна патека за слепите лица.

Според градските власти, просторот пред ГТЦ досега бил најзапуштениот во центарот на градот, а сега ќе биде претворен во целосно современ урбан јавен простор. Неговото уредување ќе изнесува 33 милиони денари. Во редицата проекти планирани за централното градско подрачје градските власти постојано го нагласуваат создавањето нова пешачка зона за граѓаните.

На просторот на кој сега се гради, во минатото се наоѓала родната куќа на Мајка Тереза. Пред три-четири години, кога градоначалник на Скопје беше Коце Трајановски, на истиот тој простор беше планирано да се градат таканаречените шпански скали, проект за чија реализација јавноста беше поделена. Во неколку наврати поголема група граѓани на Скопје правеа обрач околу центарот протестирајќи против таквите намери. Изградбата на шпанските скали беше ставена надвор од сила, бидејќи беше поништено решението за градба. Надлежните од општината Центар констатираа дека во рок од две години, по правосилноста на решението, колку што пропишува законот за градење, инвеститорот не започнал со изградба на објектот, па оттаму за инвеститорот престана да важи одобрението за градба. Со поништеното решение за градба шпанските скали уште непочнати заминаа во историјата.