„Мој Карпош – моја картичка“ им донесе попусти на граѓаните

359

Општината Карпош го почна проектот „Мој Карпош – моја картичка“, а со тоа карпошани добија можност да користат одредени попусти при користење на услугите во над 250 фирми и компании што работат на територијата на оваа скопска општина.

Жителите на Карпош ќе можат да плаќаат помалку за услугите што ќе ги користат во ресторани, кафулиња, спортски објекти, ординации, книжарници, но и кај производители на ИТ-опрема, дизајн студија, сервиси. Големиот број попусти и бенефиции што ќе им ги понуди оваа картичка на жителите на Карпош вчера и официјално ги најави градоначалникот на општината, Стефан Богоев.

– Примарната цел на картичката не е да ја загрози конкуренцијата или да нѐ направи „локал-патриоти“. Напротив! Бизнисите нудат попусти и бенефиции во деловите од денот кога можеби немаат голем промет и потрошувачка, а на овој начин ќе се поттикнат потрошувачите да ги посетат токму во тој период. Всушност, се постигнува двојна цел. Задоволни бизниси, кои имаат поголема фреквенција и добивка, како и граѓани што купуваат по пониски цени во одредени периоди од денот – посочи Богоев.

За оваа картичката можат да аплицираат сите жители на Карпош над 13 години, директно во општината или преку веб-платформата www.mojkarpos.mk.

– Вакви искуства со користење бенефицирани картички се користат во повеќе метрополи низ светот, како Амстердам, во Нови Београд, а во Северна Македонија, првпат го прави тоа општината Карпош. Картичката „Мој Карпош“ е проект што постојано ќе се унапредува и ќе се развива. Во следниот период, сите приклучени форми ќе бидат и соодветно брендирани, со што граѓаните ќе знаат кој субјект е дел од „Мој Карпош“ – велат од општината.