Момчето што спаси 36 животи во скопскиот земјотрес

713

Многу се и сѐ уште не можат да се раскажат сите приказни на луѓето што го преживеале катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година. Тие стравични спомени на една тешка катастрофа длабоко останале врежани во сеќавањата на многумина што се обидувале од под урнатините да ги извадат мртвите и живите што очекувале некој да им подаде рака и да ги спаси. Еден од тие спасувачи е Лазар M. Дракул, средношколецот што успеал со своите другари од под урнатините на градот да спаси 36 луѓе. Бил момче кое се саможртвувало несебично само за да се спаси уште еден човек повеќе. Дракул е автор на првиот и единствен роман со наслов „5.17‘‘ како втиснат печат на времето кога катастрофата го разурна Скопје. Сега е 74-годишен пензионер и со многу детали и емоции се сеќава на кобниот 26 јули, многу топол летен ден. Тогаш, во таа далечна 1963 година, Дракул бил младо момче, спортист и гимназијалец во тогашната таканаречена Женска гимназија, а неговото семејство живеело во куќа спроти бензинската пумпа на улицата Орце Николов, во таканареченото Еврејско Маало, каде што имало и нови и стари куќи. Си спомнува дека ноќта спроти земјотресот ама никој немал никакво претчувство дека нешто ќе се случи. Градот бил испразнет, бидејќи голем дел скопјани биле на одмор, кој во Охрид, а кој по селата кај роднини. Тие што биле останати во градот во летните жешки денови се разладувале на Руската и на Градската плажа на реката Вардар.

Средношколци одговарале на секој глас за помош од под урнатините

-Утрото на 26 јули, во 4 часот, ме разбуди силното лаење речиси на сите кучиња од маалото. Толку силно лаеја и си реков дека тоа никогаш порано не го направиле. Се прашував што ли толку ги вознемири кучињата. Не можев да заспијам повторно, па лежев буден во креветот. Околу 5 часот кучињата се стишаа. По малку време почна да се слуша силна бучава, идеше оддалеку и потоа почна да тресе. Бев на катот горе и тешко беше да се исправам, а потоа и да стигнам до приземјето долу. Кога излегов надвор истрча и татко ми. Тамам излеговме, повторно стресе и многу куќи се срушија. Остана само зградата на „Жито Македонија“. Се слушаа само кршењето на арматурите и уривањето на ѕидовите. Не се слушаа човечки гласови, а татнежот од земја престана. Од црвената прашина не можевме да го видиме Водно, а откако се крена прашината почнаа да се слушаат повици за помош. Насекаде имаше урнатини и само немо гледав, а татко ми рече: „Што чекаш, брзо“ и веднаш се качив над урнатините и почнав да расчистувам наоколу. Под една плоча во процеп од четириесетина сантиметри ја пофатив студената рака на починатата баба Ружа од соседството -се присетува Лазар.

Од тој миг несебично се давал себеси за да дојде до секој глас со повик за помош. Со неговите другари-врсници од под урнатините на куќите извадиле човек со грло полно малтер и го спасиле пред да се задуши. Се сеќава како човекот прашал „кому згрешивме да нѐ бомбардираат“, а момчињата му кажале дека се случил земјотрес. Потоа следувало спасувањето на возрасен маж, кој имал скршени нозе, па младо момче заглавено под превртениот кауч, кое имало среќа да заврши без гребнатинка.
– Најдраматично беше кога најдовме под урнатините шестгодишно дете, кое чекаше за помош, а неговиот брат немаше нокти на рацете обидувајќи се самиот да го спаси. На детето му беше притисната петицата под една голема бетонска греда и беше тешко веднаш да се извлече. Тетка му, мајка, му, татко му, сите загинаа под урнатините. На сите начини се обидувавме да го извадиме до 7 часот наутро. Го зедов в раце, му ги покривме очите со некое парталче додека уште стоевме над урнатината, се свртев и пред мене беше Тито. Нареди веднаш да го земат детето без петица и да го однесат на лекување во Врачар, во Белград. Ме гушна и рече дека е горд што има ваква младина. Беше облечен во сив костум и остана со нас половина час. Му велам: „Може ли да ве прашам нешто? Гледате дека го немаме цел град, каде ќе живееме сега?“ Ми одговори дека штом ќе го види целиот град, ќе се врати во Белград и ќе го повика Сојузното собрание за да се издвојат пари за Скопје. Потоа рече дека ќе се обрати и до Обединетите нации за да помогнат во изградбата на Скопје – раскажува Лазар.
И навистина Тито си го одржал ветувањето и на 22 август повторно дошол во Скопје, заедно со Хрушчов.

– Со нив беше и нашиот Крсте Црвенковски и, пред да дојдам и да ги видам сите одблизу, го сретнав Томе Дракулевски, тогашниот извршен секретар на ЦК, па ме праша: „Живи ли сте“. Тоа беше прашањето што тогаш си го поставуваа луѓето кога ќе се сретнат. Се сретнав со тројцата големи политичари во тоа време пред логорот што беше подигнат каде што сега се наоѓа Градското собрание. Хрушчов на руски ме праша што правиме, а ние му одговоривме. Хрушчов беше голема сила. Стигна голема помош од тогашниот СССР, а потоа пристигна и воена единица од Куманово. Малку по малку урнатините се расчистуваа и спасувавме кого можевме. Учествував во спасувањето на 36 лица и не се штедевме, иако беше опасно да се гази по урнатините, бидејќи можевме да пропаднеме во некоја од нив. Ризично беше врз нив да се прави секој чекор, но поважно од сѐ беше да се извади уште еден, ако може и уште еден човек повеќе – вели Лазар.

За своето херојско дело Дракул зборува со скромност, а пред некоја година добил само благодарница од градот.