Мичурин ќе добие нов парк

1532

Општина Аеродром ќе гради нов парк во населбата Мичурин, спроти ОУ „Блаже Конески“, информира локалната власт.

Новиот проект ги вклопува постојните елементи, односно детското и спортско игралиште, патеките и дрвјата и предвидува нивна целосна обнова, односно поставување нови и дополнителни реквизити и урбана опрема.

Идејното решение максимално ќе ги користи постојните зелени површини, а проектирани се и нови зелени површини и богато хортикултурно уредување. Паркот ќе биде прилагоден за сите возрасти.

За потребите на проектот се издвоени околу девет милиони денари од Буџетот на Општина Аеродром. Активностите на терен ќе започнат веднаш по изработката на основниот проект и добивање одобрение за градење.