„Меѓаши“ смета дека за безбедноста на децата потребни се и легнати полицајци

482
Децата се постојано на улицата „Борис Сарафов“

Не стивнуваат реакциите на ѓорчепетровци во врска со безбедноста на граѓаните на градската улица Борис Сарафов. Тие не се согласни дека поставувањето семафори ќе го реши проблемот со безбедноста. Тие се децидни и категорични дека е потребно поставување легнати полицајци. Со нив се согласува и Драги Змијанац, првиот човек на детската амбасада „Меѓаши“. На својот фејсбук-профил тој напиша: „Детската амбасада ’Меѓаши’ ги поддржува барањата на граѓаните од општината Ѓорче Петров да се постави сообраќајна сигнализација по должината на целата улица, да се постават легнати полицајци и да се зголеми присуството на полицајци, редовно да патролираат за да се избегнат вакви несреќи“.

Жители од тој дел на Ѓорче Петров тврдат дека возачите нема да запрат со брзото возење по сообраќајницата додека не се постават таканаречените легнати полицајци. Објаснуваат дека брзо се вози дури и на главната сообраќајница и не се почитува семафорот кај општинската зграда. Велат дека летаат на црвено на булеварот.
Даниела Нела Велјановска вчера на својот фејсбук-профил напиша: „Како би изгледало кога улицата би се користела за игра. Уште колку деца треба да загинат или да бидат тешко повредени за улиците да се направат по нивна мера, а не по мера на бесните возачи? И да, градоначалниче Наумовски, само семафор не помага. Потребни се легнати полицајци или подигнати пешачки премини на секои 100 метри долж целата улица и редовна патрола на сообраќајната полиција. Секој ден протести за да се реши безбедноста!“ С.К.