МЕПСО со детали за дефектот поради кој останаа без струја делови на Скопје

207

Прекините на напојувањето во Скопскиот регион се резултат на неможноста да се ангажираат системските резерви кои не ни беа ставени на располагање од страна на АД ЕСМ. АД МЕПСО немаше можност да изврши благовремено растоварување на електропреносната мрежа и напонска поддршка со ангажирање на хидроелектраните со кои нормално секоја година се обезбедуваат системските резерви неопходни за обезбедување на сигурна и стабилна работа на електроенергетскиот систем, соопшти МЕПСО во врска со дефектот поради кој останаа без струја делови на Скопје.

Според компанијата, вакви дефекти поради зимски услови за работа на елементите од електропреносната мрежа се случувале и ќе се случуваат.

– Денеска во 12 часот вкупното моментално производство на електрична енергија приклучено на преносната мрежа на АД МЕПСО изнесуваше околу 400 MW и тоа од термоцентралите ТЕ Битола 2 и ТЕ-ТО како и од ВЕЦ Богданци. Притоа во мрежата немаше ангажирано хидро производство, поради тоа што истото не беше предвидено од страна на АД ЕСМ во дневниот возен ред. Ова значи дека не беше ставена на располагање системската резерва, односно резервата за секундарна и терциерна регулација од хидроелектраните, кои се основна алатка за обезбедување на сигурна и стабилна работа на електроенергетскиот систем.

Согласно со предвиденото во дневниот возен ред со цел превентивни активности за подобро снабдување во претстојната зима согласно планот беа исклучени следните 110 kV далекуводи : ТС Ѓорче Петров – ТС Скопје 1 ( презатегање на фазни спроводници и промена на изолатори), ТС Скопје 4 – ТС Велес (промена на оштетени изолатори) и ТС Фенимак – ТС Дуброво ( испитување на релејна заштита).

Во 11:58h поради дефект испаѓа 110 kV далекувод ТС Скопје 4 – ТС Скопје 3 што предизвика пад на напоните во скопскиот регион на 110 kV страна, а посебно во ТС Скопје 3 до вредност од 75 kV и зголемен проток на електрична енергија преку далекуводот ТС Јегуновце – ТС Скопје3 . Во 12:03h испаѓаат: 110 kV далекувод ТС Јегуновце – ТС Скопје3 и 110 kV далекувод ТС Сопотница – ТС Битола 1. На далекуводот ТС „Јегуновце“ – ТС „Скопје3“ евидентиран е дефект на една фаза, за што испратена е далекуводна екипа да го санира дефектот.Поради пад на напонот испаѓаат трансформаторите кои се во сопственост на ЕВН дистрибуција во ТС Запад и ТС Козле, при што потрошувачите кои се приклучени на овие трафостаници остануваат без напојување. Со максимален ангажман на стручните екипи на АД МЕПСО во 12:07h вклучен е далекуводот ТС Скопје 4 – ТС Скопје 3 со што се подобруваат напонските прилики во регионот и се нормализираат тековите на моќност. Според информација од ЕВН Дистрибуција, регулационите преклопки на трансформаторите во ТС Запад и ТС Козле останале заглавени во положба за максимална регулација на напон, поради што операторите од ЕВН Дистрибуција не биле во можност да ги вклучат истите.

Пратени се екипи на ЕВН Дистрибуција рачно на лице место да ги ослободат регулационите преклопки во ТС Запад и ТС Козле. После интервенцијата, конзумните подрачја на ТС Запад и ТС Козле постепено се обезбедени со напојување со електрична енергија од страна на ЕВН Дистрибуција – се наведува во соопштението.