„Матурската парада“ утре на Градскиот плоштад

241
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Точно напладне в петок на плоштадот „Македонија“ скопските матуранти ќе го одиграат познатиот танц квадрил, како дел од годинашната „Матурска парада“.
Со нив истовремено ќе танцуваат и нивните врсници во Струга, Охрид, Струмица, Гевгелија и од Куманово. На македонските матуранти, пак, ќе им се придружат и матуранти од 62 града во Босна и Херцеговина, Бугарија, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Хрватска, Црна Гора. Во завршниот дел од оваа манифестација ќе биде и кажувањето на изјавата „Заклетва“ за ненасилство од страна на учесниците во сите градови во земјите во кои се одржува „Матурската парада“.

На тој начин не само што во исто време на иста музика во различни градови танцуваат младите, тие, генерациите што ќе го градат светот во иднина, во исто време од различни делови на Европа ја испраќаат пораката за ненасилство и толеранција. Организатор и носител на „Матурската парада“ за Македонија е Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, која оваа „Матурска парада“ ја реализира во соработка со танцовиот спортски клуб „Ритам плус“. Покровители на манифестацијата се градот Скопје и Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија. Настанот медиумски ќе го покрие Македонското радио – Радио Скопје.