Маски, првоаприлска забава и шеги

824
Принцези, кралици, спајдермени, нинџи, бетмени... Фото: Игор Бансколиев

Принцези, кралици, индијанки, пиленца, глувчиња, колачиња, беа само некои од омилените маски на девојчињата, додека момчињата повеќе беа спајдермени, бетмени, ѓаволи и што ли уште не како дел од вчерашната „Априлијада“ на градскиот плоштад „Македонија“. Насмеани и расположени гордо ги претставуваа своите маски на некој од одбраните ликови од приказните или на омилениот јунак од некои од цртаните филмови. Со најмладите еднакво уживаа и нивните мајки и татковци, баби и дедовци, кои со фотографија се обидуваа да го овековечат денот.

Годинашната манифестација под маски се одржа во организација на градот Скопје и детскиот културен центар „Карпош“, а настанот се одвиваше под мотото „Скопје се смее“. Се смееја сите што кажуваа првоаприлски шеги или се обидуваа некого да излажат за априлилили. На забавата под маски вчера учествуваа деца од сите училишта и градинки. Дефилето од маскирани дечиња предизвика интерес и кај голем многумина од граѓаните, кои подзастануваа да погледнат и да поуживаат во забавата на најмладите. А таа беше збогатена со песнички, игри и модерен балет и точки од неколку секции на ДКЦ „Карпош“. Годинешната „Априлијада“ ја разубави настапот на златните славејчиња и танцовите групи од основните училишта. Децата учесници можеа да се фотографираат со своите омилени суперхерои, а им следуваа и уште многу други изненадувања, кои ги направија и посреќни и повесели. На забавата под маски учествуваа и децата со Даунов синдром од „Трисомија 21“.

На вчерашната манифестација беа доделени и дипломи за најдобра маска и карикатура, кои беа избрани на објавениот конкурс на ДКЦ „Карпош“ до основните училишта.

Забавата на плоштадот вчера продолжи и по официјалното дефиле под маски, а присутните се забавуваа од 16 до 18 часот со настапот на младите таленти: Мина Блажев, Елита Зибери и Лина Пејовска. За малку повозрасните забавата ја збогатија Александар Митевски и Арбен Бени Шаќири, а по 18 часот скопјани се забавуваа со диџеј Ампов. Денот на шегата со свои манифестации го одбележаа и општините, а општината Бутел по тој повод одржа ревија на маски за учениците од сите седум основни општински училишта.