Маалско разладување

231
Деца од населбата Скопје Север се капат во сопствен базен

Високите тропски температури се причината поради која сите, па и најмладите, бараат разладување. Базените, секако, се решение за тоа, особено за учениците на кои од пред една седмица им започна летниот распуст

Наместо да ги испраќаат по базените низ градов, некои родители се досетиле да најдат начин ем децата да се разладуваат, ем да им бидат пред очи. Тие од утринските часови во паркот пред својата станбена зграда во скопската населба Скопје Север, близу булеварот Босна и Херцеговина, поставиле голем гумен базен и го наполниле со вода, која под зраците на силното сонце ќе ја постигне потребната температура за капење. Базенот е одлична можност за маалско капење и за дружење на децата од зградата. Секако, поради нив присутни ќе бидат и возрасните, кои веројатно ќе ги контролираат капењето и пливањето за да не настане случајно некаква кавга или детска тепачка.

Идејата е за поздравување, бидејќи нуди можност за маалско разладување, а можеби и за летни игри и лудории на вода. Потребни се, можеби, само уште неколку идеи од возрасните, на пример да предложат игри на вода, за да им го направат летово на децата и интересно и не толку топло. Маалските дружби и игри им недостигаат на најмладите, а корисни се и затоа што ќе ги оттргнат од постојаното седење пред компјутерите. Наместо дружење преку социјалните мрежи, ќе можат да се социјализираат меѓусебно. Можеби ќе чујат и ќе научат за некоја од игрите што ги играле повозрасните генерации.