Државата треба многу повеќе да прави за лицата со аутизам / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Досега се направени многу позитивни работи за поправање на положбата на лицата со аутизам, но државата сѐ уште не го дала целосниот потребен ангажман. За децата се потребни мали групни домови во чие основање треба да се вклучат локалната самоуправа и ресорните министерства. Јубилејни 20 години одбележува Македонското научно здружение за аутизам

Дваесет години од своето постоење одбележува Македонското научно здружение за аутизам. Како што и самите објаснуваат, ретки се здруженијата од ваков тип што можат да се пофалат со толкугодишен јубилеј. Здружението зад себе има години работа, исполнети со многу премрежиња на општествено-политичката и социјалната сцена во Македонија, што многу се рефлектира и врз нивното работење. Активностите беа исполнети со многу подеми и падови, но утре со соодветно роденденското славење ќе го одбележат тој ден, без јавно собирање поради условите поврзани со пандемијата на ковид-19.

Здружението направило многу позитивни работи за поправање на положбата на лицата со аутизам. За разлика од нив, државата нема многу направено и сѐ уште малку прави за таквите лица.
-Ни претстои уште многу работа како со семејствата така и од аспект на професионална обука од здравствен, социјален и од образовен аспект. На прсти се бројат едуцираните лица што можат да придонесат за напредок во областа – велат од здружението.
Родителите на аутистичните деца се среќаваат со многу проблеми од здравствен, социјален и од образовен аспект.

– Не им се обезбедени сите права и финансиски се запоставени од државата, имаат нешто малку средства што ги добиваат од ресорното министерство. Кога е во прашање едукацијата не се работи според специјални програми туку се прават некакви импровизации во основните училишта. Не се обучени ниту наставниците, ниту техничкиот персонал за работа со овие лица, ниту специјалните едукатори. Потребни се супспецијализации во областа. Од здравствен аспект, здравствените лица не го разбираат тој знаковен јазик, па да знаат како да им пристапат на овие деца.
Родителите, во најголем број, не можат да го платат биомедицинскиот третман, затоа тука државата треба да вложи многу повеќе средства и за самите семејства во образовниот систем, бидејќи на прсти се бројат едукаторите од оваа специјална област – вели проф. д-р Владимир Трајковски, претседател на Македонското научно здружение за аутизам.

Тој додава дека низ здружението продефилирале многу членови од кои само најупорните останале да се грижат за спроведување на предвидените цели и задачи: примарна превенција на лицата со аутизам, истражување на механизмите поврзани со аутизмот, истражување на ефектите од рехабилитација, односот кон таквите лица, соработка со родителите, координација на владини и на невладини организации, кои работат на полето на аутизмот, соработка со меѓународни универзитети, асоцијации на кои аутизмот им е приоритет.
Секако не е доволно сево ова да го прават само здруженија и активисти, бидејќи вклученоста на државата е од едно исклучително значење, за да може и овие лица да се интегрираат во општеството.

– Многу ни недостигаат рана интервенција и поддршка во семејствата. Во Скопје состојбата е релативно добра, но во другите градови не им се нуди речиси никаква поддршка. Потребно е да се работи со семејствата што имаат деца со аутизам, работа со нивните браќа и сестри… Потребни ни се специјални едукатори, а, за жал, немаме развиена таква мрежа. Градинките тешко ги примаат овие деца, малку има дневни центри што ги прифаќаат. Има некои приватни финансиски потпомогнати од чешката и од бугарската амбасада. Слично е и во основните училишта каде што нема подготвен кадар. Надежно е што во последните години и Град Скопје се вклучи со некои проекти и истовремено финансира неколку центри за прифаќање на овие деца.

Ни недостигаат и центри за возрасни лица, мали групни домови, социјални клубови, центри за рехабилитација, центри за работен ангажман на возрасните. Овие лица се надвор од системот, бидејќи не се опфатени во законот за работни односи. Сѐ погласно се бараат мали групни домови, но тука треба да се вклучат и локалната самоуправа и ресорните министерства – појаснува проф. д-р Наташа Станојковска Трајковска, шефица на катедра на Институтот за специјална едукација и рехабилитација.

Македонското научно здружение за аутизам во сите овие години преку макотрпна работа работеше многу и се носеше рамноправно со други вакви здруженија од ЕУ, во обидите да биде лидер во Македонија во областа на специјалната едукација и рехабилитација на аутистичниот спектар на нарушувања (АСН) и да се грижи пред сѐ за здравјето, образованието и за социјалната заштита на оваа ранлива категорија граѓани во нашето општество. Многу работа ѝ претстои и на државата. Самото здружение во последните 10 години изведе широка палета активности, ангажирајќи надворешни волонтери, соработници и помагачи меѓу кои имало естрадни ѕвезди, актери, спортисти, научници, политичари и секако семејства што имаат дете или лице со АСН.