Лифтовите паѓаат во дупка од законот

703
Во Скопје има многу стари згради со стари лифтови Фото: Дарко Андоновски

Кога лифтот технички е неисправен, инспекциските служби го забрануваат за употреба, но немаат право да го пломбираат. Тој е сопственост на станарите, па тие одлучуваат дали ќе го користат и натаму, иако неисправен и опасен, или ќе го поправат. Од Стопанската комора на Македонија велат дека има дупка во законот и со години никој нема слух за проблемот

Случката со лифтот што се откачи со четворица станари во новоизградена зграда во Карпош и падна од првиот кат во подрумот на објектот, за среќа без повредени и жртви, можеби треба да биде само опомена за тоа колку е важна сигурноста на ова превозно средство. Настрана од деталите во овој случај, всушност треба да се акцентира важноста од редовното сервисирање на лифтовите, само од овластени и лиценцирани фирми, како и редовните инспекциски контроли што треба да се прават, за да се обезбедат нивна техничка исправност и сигурен и безбеден транспорт на станарите во една станбена зграда.

Во Скопје има многу стари згради со многу стари лифтови, за чие сервисирање понекогаш се потребни многу големи суми пари, бидејќи е неопходна замена на важни и скапи делови од лифтот. Од Регулаторната комисија за домување велат дека знаат за вакви примери, а бидејќи станарите не се согласуваат да платат за скапите делови, инспекциските служби го забрануваат лифтот за употреба. За жал, бидејќи станарите имаат потреба од него, го користат и натаму на сопствен ризик, а нема законска рамка да ги натера граѓаните да не го користат лифтот. Од Стопанската комора на Македонија велат дека целата одговорност ја има техничката инспекција, која може само да казнува. Проблемот е, велат, во тоа што Комората со години бара законска рамка со која инспекциските служби при Министерството за економија ќе можат и да го пломбираат лифтот што не е за употреба, бидејќи тој сега е сопственост на станарите и тие решаваат што ќе прават со него. Оттаму објаснуваат дека има дупка во законот, а никој нема слух за решавање на проблемот за кој зборуваат со години.

Токму затоа инспекторите не сакаат да прават контроли во зградите каде што има заедници на станари, бидејќи таму нема кого да казнат, додека пак во зградите каде што има управители можат да ги казнат управителите, кои во случајов се само домаќини на зградата. Сервисерите за лифтови кај нас не се лиценцирани, што исто така треба законски да се реши. Од сето ова произлегува дека сите што користиме лифтови сме изложени на ризик само поради тоа што никој нема слух за овој проблем. Во Државниот инспекторат за техничка инспекција не можевме да поставиме ниту едно прашање, бидејќи никој не одговара на телефонскиот број 3118-289, кој го добивме од Министерството за економија. Кога и да завртите, постојано се слуша гласовна порака „лицето што го повикавте во моментов е недостапно“, а дека ќе биде информирано преку СМС.

– Во делот на законот, надлежна институција да врши контрола на законското регулирање е Државната техничка инспекција. Она што може да се добие како информација од Стопанската комора се искуствата на лиценцираните управители, членки во групацијата за управување и домување со станбен и деловен простор, но и преку групацијата на лифтаџии, која функционира во рамките на Стопанската комора на Македонија. Лифтовите треба да се одржуваат редовно, што е регулирано со закон, постои редовен технички сервис и задолжителен годишен преглед на лифтот. Тоа што како проблем го имаат управителите е што кога ќе се расипе лифтот, ќе се повика сервис, ќе се констатираат дефектите, вредноста за нивно отстранување, а станарите се тие што ќе одлучат дали ќе го поправат. Вториот момент е кога при редовен технички сервис ќе се констатира дека нешто треба да се поправи, повторно станарите треба да одлучат, дали ќе го платат тоа. И третиот момент е кога се прави технички преглед и се констатира дека лифтот не ги исполнува законските прописи (кои се според многу високи европски стандарди, за кои се поставува прашање кој ги поставил во државава, бидејќи се потребни многу пари за да се исполнат), а станарите често не можат да платат ниту за замена на основни делови за лифтот. Нашите напори да се спуштат тие стандарди на нашите реални услови и можности се речиси до никаде, а секогаш заглавуваме уште во првиот случај, кога граѓаните немаат пари да ја платат поправката на лифтот. Што тогаш, нема законско решение, па затоа на помош влетуваат општините – велат од Стопанската комора на Македонија.


Во старите згради треба почесто да се контролираат лифтовите

Токму поради големиот број недоречености во законот, како и поради тоа што се појавуваат ситуации во кои граѓаните не можат да платат за обновата на лифтот, се вклучуваат надлежните од локалните самоуправи за да им помогнат на граѓаните. Таков е сега и примерот со општината Центар, која ќе субвенционира не повеќе од 300.000 денари за поправка и санација на лифтови за секоја одобрена апликација. Преостанатите 70 отсто ќе ги обезбедат сопствениците на посебни делови преку кредитирање или во готово. Ова значи дека центарци ќе имаат можност да ги поправат постојните лифтови на станбените згради доколку се технички неисправни, но и да ги модернизираат и да ги усогласат со безбедносните барања, како и да ја подобрат нивната безбедност, со помош од локалната самоуправа. За таа цел, општината Центар распиша јавен повик за финансиска поддршка. Но што е со безбедноста на лифтовите во станбените згради во кои старите лифтови само одвреме-навреме се сервисираат, само колку да функционираат. Колку се тие безбедни и дали некој врши инспекциски надзор над нив, колку пати годишно треба да се прави тоа.
– Постои законска обврска лифтовите да се сервисираат еднаш месечно, а еднаш годишно да им се врши технички преглед. Во старите згради треба почесто да се контролираат лифтовите, бидејќи тие се многу стари и најчесто станарите немаат пари да ги заменат скапите делови, како на пример една сонда за лифт чини околу 50 илјади денари, а можеби би требало да се заменат сите. Тоа е скапа инвестиција што треба да ја платат, а најчесто не се во можност, па затоа треба да им се овозможи тоа да го направат на рати. Има неколку овластени, лиценцирани фирми што се грижат за лифтовите во Скопје. Законот е добар, ама во него се недостижни условите што се дадени што сѐ треба да исполнува еден лифт за да биде во употреба, како на пример двонасочна комуникација, која секако ја немаат старите лифтови – вели Ракип Маловски, претседател на Регулаторната комисија за домување.