Линиите 19 и 20 со променет режим

198

Поради изведување градежни работи на улицата Индира Ганди во населбата Шуто Оризари, денеска од 22 до 5 часот утре, в недела, оваа сообраќајница ќе биде затворена за сообраќај. Од јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ информираат дека поради тоа во овој период автобуските линии 19 и 20 ќе функционираат по изменет режим од вообичаениот. Па, така, автобусите на линијата со број 20 ќе возат до поранешна циглана (ИГМ), па по булеварот Босна и Херцеговина, преку улиците Бутелска и Александар Урдаревски ќе сообраќаат до терминалот во Шуто Оризари. По оваа траса, линија 20 ќе сообраќа во двете насоки.

Автобусите на линија 19 во правец кон Шуто Оризари ќе возат до кружниот тек во Топанско Поле, па по улица Лазар Трповски, потоа по булеварот Босна и Херцеговина, преку улиците Македонско-косовска бригада и Втора македонска бригада до Топанско Поле – кај трговскиот комплекс „Треска“. Во правец на Центар, линијата 19 ќе сообраќа по вообичаената траса.