Лекарите порачуваат што помалку на сонце

279
Препорака да не се излегува помеѓу 10 и 16 часот - Фото: Маја Јаневска-Илиева

Поради предолгото изложување на високите температури или поради предолгиот престој на отворено постои опасност да се јават и акутни ефекти, како сончаница, топлотен удар, топлотни грчеви или функционални нарушувања на централниот нервен систем. Токму затоа лекарите порачуваат луѓето да го избегнуваат престојот на отворено во периодите кога сонцето е најсилно, да земаат што повеќе витамини и течности

Високите летни температури негативно влијаат врз луѓето бидејќи им ја нарушуваат здравствената состојба. Тоа го покажуваат и зголемениот број лекарски интервенции, како и повици од брзата медицинска помош. Особено страдаат оние со кардиоваскуларни и респираторни заболувања, како и лицата со ментални нарушувања. Граѓаните треба да знаат дека поради предолгото изложување на високите температури или поради предолгиот престој на отворено постои опасност да им се јават и акутни ефекти, како сончаница, топлотен удар, топлотни грчеви или функционални нарушувања на централниот нервен систем. Токму затоа лекарите порачуваат да го избегнуваат престојот на отворено во периодите кога сонцето е најсилно, да земаат што повеќе витамини и течности и, секако, да носат соодветна и посветла облека, а како заштита капа и очила за сонце.

Хронично болните лица секогаш треба да се придржуваат до препораките на лекарите и редовно да ја примаат пропишаната терапија. Лекарите порачуваат добро да се внимава и на хигиената, секако, не само на личната туку и на продуктите, па затоа порачуваат пред употреба задолжително добро да се измијат свежиот зеленчук и овошје. Исто така по термичката обработка на храната таа веднаш да се консумира или да се стави во фрижидер за да се заштити од расипување. Пред да се консумира може само да се загрее на 100 Целзиусови степени. Љубителите на сладоледи и ладни кремови треба да внимаваат при консумирањето на овие производи.

– На овие високи температури препорачувам да не се излегува на отворено во периодот помеѓу 10 и 16 часот, доколку се нема некаква потреба. Доколку мора да се биде на отворено, тогаш задолжително да се носат капа или шапка, потоа во големи количества да се пијат течности. При исхраната препорачувам се избегнува и да се сведе на минимум употребата на сол, бидејќи таа е причина за предизвикување хипертензии, односно го покачува крвниот притисок. Хронично болните да си ја земаат редовно пропишаната терапија, а за сѐ друго да се консултираат со својот матичен лекар – вели матичната лекарка Светлана Палевска од „ФЗУ лек медиа“.

Во рамките на заштитата на здравјето на граѓаните во периодите на топлотните бранови или таканаречените жолта или портокалова фаза, редовно како и досега се вклучува и Црвениот крст на Скопје. Мобилни тимови патролираат по градов и делат шишиња со вода. За овие редовни активности во текот на летото, како и за евентуална помош од пакети со храна и хигиенски средства при пожари, Црвениот крст на Скопје има на располагање 500 илјади денари, средства добиени од градот Скопје.

– Црвениот крст на градот Скопје во рамките на справувањето со елементарни непогоди и високите температури располага со мобилни тимови во кои членуваат 40 волонтери, обучени за давање прва помош и логистика, а во согласност со препораките што ги добиваме од Управата за хидрометеоролошки работи и центарот за управување со кризи во услови кога имаме жолта или портокалова фаза. Тимовите патролираат и вршат дистрибуција на вода до граѓаните, мерат крвен притисок и по потреба транспорт до институција или до домот на некој граѓанин. Изминативе три дена кога имавме екстремно високи температури до нив беа дистрибуирани 2.200 шишиња вода. Градот Скопје, со чија соработка ја реализираме оваа активност, за оваа намена има издвоено 500 илјади денари, од кои се резервирани и хигиенски пакети, како и пакети со храна и вода во случај на пожари во летниот период – вели Сузана Тунева Пауновска, секретарка на Црвениот крст на градот Скопје.

Неделава поради малиот пад на температурите тимовите на Црвениот крст најверојатно ќе бидат помалку активни. Но изминативе три дена низ градот патролираа шест мобилни екипи и делеа вода на автобуските станици, на зелените пазари и на други локации каде што имаше поголема фреквенција на луѓе. Во текот на летото мобилните тимови ќе дистрибуираат и летоци со лекарски препораки до граѓаните што треба да преземат во деновите со екстремно високи температури. За време на викендите ќе делат летоци на Водно со препораки за заштита од пожари.