Левиот брег на реката Серава во Бутел ќе се разубави со пешачка патека

402

Идната година ќе се гради пешачка патека во општината Бутел, покрај брегот на реката Серава, и тоа во делот од скопската населба Скопје Север до поранешниот дом за деца „25 Мај“. Ова ќе биде првата пешачка патека од левата страна на реката во населбата Бутел 1, која ќе биде уредена и опремена со урбана опрема. Една уредена патека веќе постои од десната страна од мостот кон селото Радишани до излезот на селото, близу мотелот „Олимпија“. Оваа патека е во должина од 600 метри и во тој дел на Серава има и неколку пешачки мостови, кои се наоѓаат близу игралиштето на улицата 18, која води кон манастирот „Свети Наум“ и основното училиште „Ацо Шопов“. Тој дел е уреден и опремен со урбана опрема, а во неговата близина има и паркиралиште. Овој дел од брегот на реката Серава во моментов е најчист и најуреден, а по неговиот пример ќе се уредува и делот од Скопје Север до домот за деца „25 Мај“.

Реализацијата на проектот ќе им овозможи на граѓаните да добијат уште едно катче покрај реката каде што во жешките летни денови ќе можат да шетаат и да уживаат во мирниот дел на населбата, кој е подалеку од метежот на улицата Бутелска. Истовремено, уредувањето на речниот брег ќе придонесе и овој дел од Серава еколошки да се заштити. Токму овој дел од речното корито е делот што најмногу се загадува, бидејќи постојано се полни со секаков вид комунален отпад. Во доцните вечерни часови несовесни граѓани на брегот и во коритото на реката го фрлаат сето она што им останало по извршените реконструкции во домовите, старите непотребни каросерии и делови од автомобилите или сето она што решиле да го исфрлат од дома. Веќе со години општината Бутел реализира акции за чистење на коритото на Серава, а скоро ваква акција имаше и градот Скопје.

– Пешачката патека што ќе ја градиме идната година ќе биде всушност во делот што најмногу го чистиме, делот во кој најмногу се фрла секаков отпад, а тоа е на потегот од населбата Скопје Север до домот за деца „25 Мај“. Најмногу чистевме во делот некаде од кај „Солопром“ на улицата Душко Ивановиќ до Железничкиот мост кај градските гробишта „Бутел“. Реализацијата на пешачката патека ќе помогне да се облагороди тој дел и еколошки да се заштити реката. Проектот предвидува и чистење на двата речни брега. Вака проблематичен беше делот во селото Радишани, дури уште полошо беше таму, бидејќи имаше фекални цевки од куќите и тоа претставуваше потенцијална еколошка бомба. Уште во првата година од формирањето на општината Бутел моравме да го решивме тоа и го решиме. Откако тој проблем се реши и се изгради патеката граѓаните го одржуваат чисто и уредно шеталиштето, кое е пријатно место за прошетка – вели Снежана Клинчарова, портпаролка во општината Бутел.

Инаку должината на реката Серава од горното течение до вливот во реката Вардар е околу 12 километри, од кои седум километри се регулирано речно корито. Остануваат некаде околу 4,3 километри од коритото што допрва треба да се регулираат. Реката има нерегулирано корито во делот што потпаѓа под општината Чучер Сандево, а регулирано е коритото од Кучевишка Бара до Јазирска Река на излезот од селото Радишани. Серава многупати е чистена од шут, тиња и наноси, кога има обилни дождови. И минатата година општината Бутел, во соработка со градот, го чистеше ѓубрето од вливот на Серава во Радишани до вливот во реката Вардар на потегот на населените места покрај речното корито. Но секогаш најкритично и најмногу ѓубре и шут имало, велат, од општината Бутел во ненаселените делови.

– Често со сопругот од Скопје Север одиме пеш до градските гробишта во Бутел преку железничката пруга. Но секогаш кога поминуваме преку пругата на мостот на Серава, покрај куќите, не можеме да се изначудиме, колку многу шут, комунален отпад и што уште нема фрлено на брегот и во коритото на реката. Наместо луѓето со уживање да поминуваат покрај овој дел, тие само може да се згрозат од глетката. Зарем не е греота да се загадува природата – вели Јана Велева.

За Серава се мисли дека е непредвидлива река и дека прекуноќ може да изненади и да надојде. Во скопската поплава од 1962 година излеаните води сосема го поплавиле Бутел. Токму затоа и поголем дел од регулацијата на реката бил изграден по тие поплави. Во водите на Серава пливале и шатки до неодамна, а по чистењето на шутот и другиот отпад од коритото во 2006 година во речните води се појавиле и риби, што укажува на фактот дека чистината на водите и брегот ја прават средината еколошки подобна за сиот жив свет. Серава настанува со составувањето на повеќе помали речни текови како Љубљанска Река, Побушка Река, Турчевска Река, Мала Река и Љуботенска Река во подножјето на Скопска Црна Гора. Во денешно време, по повеќе хидромелиоративни и градежни зафати, реката Серава го има малку променето течението особено во долниот и во дел од средниот тек. Протекува низ долот во селото Радишани, а оттаму течејќи низ регулирано соѕидано корито минува покрај Бутел, Шуто Оризари и се влева во реката Вардар кај Момин Поток.