„Лајка“ неподготвена да почне со работа

888
Фото: Игор Бансколиев

Од градот не прецизираат кога или за колку време ќе профункционира домот за кучиња „Лајка“. Со реконструкција и проширување на старото „Вардариште“ не само што ќе бидат подобрени условите за заловените животни туку ќе се зголеми и капацитетот на живеалишта. Граѓанските здруженија сметаат дека е непримерно една година да не постои никаква стерилизација на бездомните кучиња

По најавите за скоро отворање, скопјани се во исчекување кога конечно ќе профункционира новото јавно претпријатие за сместување животни со име „Лајка“. Градските власти тврдат дека сите активности се во финална фаза. Со реконструкција и проширување на старото „Вардариште“ не само што ќе бидат подобрени условите за заловените животни туку ќе се зголеми и капацитетот на живеалишта за бездомните животни, ќе има простор за ресоцијализација на трауматизираните животни, како и ветеринарна амбуланта. Но и овој пат од градот не прецизираат кога или за колку време ќе профункционира „Лајка“. А веќе помина една година откако ја презеде иницијативата за менување на концептот на работа на стационарот „Вардариште“ и одлучи објектот да прејде во надлежност на новото јавно претпријатие „Лајка“. Стационарот „Вардариште“ оттогаш и не е повеќе во надлежност на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ и токму поради ова престана со работа и до сега нема претпријатие што ќе ги заловува и стерилизира кучињата скитници.

Од градот Скопје велат дека сега работат на системско решавање на проблемот со бездомните кучиња и се во соработка со другите државни институции од сите области што се поврзани со оваа комплексна материја. Градските власти, пак, објаснуваат што направиле досега. Тие тврдат дека изминатиов период почнала целосна реконструкција на двата објекта во „Вардариште“, со демонтажа на постојните метални боксови и елементи и реконструкција на покривот, исто така и дека се поставени изолација и фасада, која претходно ја немало.
– Успеавме во постојниот објект, освен ветеринарна амбуланта, да добиеме и административен дел за кадарот да може во достоинствени услови да одговори на своите работни задачи. Паралелно, детално се расчистува и околината, каде што е предвиден парк за кучиња, терени за ресоцијализација на трауматизирани кучиња, како и нов пристапен пат. Во моментов сите активности се во финална фаза. Покрај подобрувањето на условите, ќе се зголеми капацитетот од 81 внатрешен бокс на 100 внатрешни апартмани за кучиња со подно греење. Дополнително се во изградба и 60 надворешни боксови за кучиња, со што капацитетот е удвоен. Во наредниот период ќе ја презентираме и новата програма за хуман третман на кучињата скитници, која ќе гарантира намалување на нивниот број низ улиците, како и зголемување на безбедноста на граѓаните – појаснуваат од градот.

Но токму нефункционирањето на „Вардариште“ и новоформираното претпријатие е причината што кучињата скитници се намножија, велат невладините организации. Здружението „Шепасти ентузијасти“ изминатиов период алармира во медиумите. таму објаснуваат дека откако прекина со работа стационарот „Вардариште“, во градот не постои никаква стерилизација и енормно се зголемува бројот на диви легла. За истиот проблем реагираа и од здружението „Анима мунди“, кои сметаат дека има нови групи кучиња во главниот град. Оваа состојба секако бара што поскоро да профункционира „Лајка“.
– „Лајка“ во целост ќе ги преземе активностите за заловување на кучињата скитници, тестирање, прочистување од внатрешни и надворешни паразити, стерилизација/кастрација, ветеринарна грижа, микрочипирање и обележување со ушна маркичка, лекување, како и постапки за вдомување од заинтересираните граѓани – објаснуваат од градот Скопје.

Оттаму не дефинираат колкав број вработени ќе има во новото претпријатие, но посочуваат дека вработените, возилата и опремата на ЈП „Лајка“ се преземени од постојните ресурси од службата што функционирала во рамките на ЈП „Комунална хигиена“.
За потсетување треба да споменеме дека скопскиот градоначалник, Петре Шилегов, во мај минатата година во јавноста објави дека „Лајка“ е во завршна фаза и кажа дека ќе биде отворен новиот стационар за кучиња. Подоцна, во јули, се надеваше дека до крајот на август 2019 година ќе го отвори стационарот.