Лани во земјава 34 пешаци го загубиле животот во сообраќајни несреќи

189
Најчесто преминуваат улици на необележени места за пешаци Фото: Игор Бансколиев

Пешаците многу често се жртви во сообраќајни несреќи само затоа што и самите не ги почитуваат сообраќајните правила, а најчесто поминуваат улица на необележени места од коловозот. Статистиките на Министерството за внатрешни работи за минатата година покажуваат дека во земјава 34 пешаци го загубиле животот во сообраќајни несреќи, додека 914 лица биле повредени.

Овие загрижувачки податоци сами по себе го наметнуваат прашањето зошто голем број пешаци во Македонија страдаат во сообраќајни несреќи.
Истражувањата на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата покажале дека дел од проблемот претставуваат и самите пешаци. Тие страдаат од сообраќајни несреќи поради тоа што немаат совесност дека и тие се учесници во сообраќајот, дека и за нив се применуваат сообраќајните правила и прописи, како и за сите други учесници во сообраќајот. Понатаму, лошите навики и ниската сообраќајна култура се важен фактор што влијае на безбедноста на пешаците во сообраќајот, но важен елемент претставува тоа што пешаците најмалку ги знаат сообраќајните правила и прописи и се најмалку контролирани и санкционирани како учесници во сообраќајот, се вели во известу­вањето на РСБСП.

– Безбедноста на пешаците во сообраќајот е одговорност и на пешаците и на возачите. Важно е да се истакне дека пешаците се ризична и ранлива група на учесници во сообраќајот. Наедно, тие претставуваат една од најнедисциплинираните групи учесници во сообраќајот. Кај пешаците е карактеристично тоа што не постои доволно чувство за одговорност дека и тие се активни учесници во сообраќајот, кои задолжително треба да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Најчестите грешки што ги прават пешаците и со кои директно ја загрозуваат сопствената безбедност во сообраќајот се: поминување улица на пешачки на црвен семафор, поминување на улицата надвор од пешачки премин, непотребното задржување на коловозот, движење помеѓу двете коловозни ленти – вели Ристо Манчев од РСБСП.

Според информациите од МВР-Скопје, за пет години, и тоа за периодот од 2013 до март 2018 година, поради грешки на пешаците се случиле дури 798 несреќи со потешки повреди, од нив 40 биле со загинати лица, а преостанатите завршиле со лесни повреди. Овие податоци укажуваат дека е потребно подигање на сообраќајната свест кај пешаците. Сепак, одговорноста на возачите за безбедност на пешаците во сообраќајот не е ништо помала од таа на пешаците. Одговорното управување со возилата од страна на возачите и свесното и одговорно движење на пешаците се клучни за безбедно учество во сообраќајот. Само на тој начин може да се обезбеди сигурност на улиците и патиштата за нормално движење, функционирање и извршување на секојдневните обврски на сите учесници во сообраќајот.

Сообраќајните правила и прописи се јасни и предвидуваат права и обврски како за возачите така и за пешаците како учесници во сообраќајот.

Доколку на растојание од 100 метри од местото каде што се наоѓа пешакот постои пешачки премин, пешакот е должен да ја помине улицата на пешачкиот премин. Важно е да се истакне дека во сообраќајот не постои апсолутно право на првенство на поминување, тоа значи дека во согласност со законот, возачот е должен секогаш кога се доближува до пешачки премин да биде внимателен, да ја намали брзината и да биде во можност, по потреба, безбедно да го запре возилото. Возачот е должен да внимава на пешаците и да им даде предност, односно да го пропушти пешакот што почнал да се движи на коловозот. Од друга страна, пешакот е должен да го помине коловозот на начин на кој нема да го загрози безбедното одвивање на сообраќајот, односно пред да го помине коловозот внимателно да ги следи случувањата во сообраќајот и да започне со преминување на коловозот откако ќе се увери дека возилата што се движат по коловозот се во можност безбедно да го запрат своето движење.

– Што се однесува до сообраќајните незгоди, истакнуваме дека секоја сообраќајна незгода со посериозни или фатални последици е предмет на вештачење од страна на стручни лица од областа на сообраќајот. Тие ги утврдуваат пропустите на учесниците во незгодата и причината за случување на незгодата, а судот ја утврдува вината (во кривична постапка), односно придонесот на секој од учесниците во незгодата (во граѓанска постапка) – велат од РСБСП.

Оваа постапка, која се спроведува при посериозни несреќи, го објаснува утврдувањето на одговорноста и вината кај учесниците. При вештачење сообраќајна несреќа, при определување на вината се земаат предвид повеќе фактори, како брзината на возилото, но и каде преминувал пешакот во време на несреќата. Притоа процентуално се определува вината на учесниците. На пример, 20 отсто за едниот и 80 отсто вина кај другиот учесник во сообраќајот. Но граѓаните, возачи или пешаци, во самиот процес на сообраќање не можат да мислат кој колку ќе биде одговорен. За да се избегне оваа дилема, потребно е едноставно почитување на Законот за безбедност на сообраќајот и патиштата.