Кучиња миленици ги избркаа децата

423
Во парковите шетаат повеќе кучиња отколку деца Фото: Игор Бансколиев

Многу родители, баби и дедовци, кои секојдневно се во парковите со дечињата, се жалат на неодговорни и несовесни сопственици на кучиња, кои не го собираат изметот од своите миленици, па поради тоа во парковите останаа да шетаат повеќе кучиња отколку деца. Изметот може да биде извор на разни заразни болести опасни за децата, но никој не води сметка што може да се случи – ниту сопствениците, ниту општинските власти

Во Скопје, покрај уличните кучиња, забележлив е зголемениот број домашни миленици, бидејќи стана помодарство да се чува куче. Но за да се чува милениче не е потребна само желба, туку и огромна одговорност не само кон животното, туку и кон животната околина, кон соседите, сограѓаните. Очигледен е фактот дека има многу неодговорни сопственици, особено кога ги носат своите миленици на прошетка. Некои од нив ги шетаат без поводник или без маска, било да е по улиците или во парковите. Некои од тие кучиња не се чипирани, ниту пак некогаш се однесени на ветеринар. Од ваквиот начин на загадување на околината најпогодени, најзагадени и најзагрозени се Градскиот парк и детските паркови во Капиштец.

Кај граѓаните најголем револт предизвикуваат сопствениците на кучиња што не го собираат изметот од своите миленици, а тоа им е законска обврска. Едноставно ќе ги прошетаат кучињата по некоја улица или парк во близината на местото на живеење, а откако нивните миленици ќе ги завршат своите физиолошки потреби, спокојни се враќаат дома. Никој од нив не се грижи за тоа каде го оставиле изметот нивните миленици и дали можеби поради тоа ќе предизвикаат некакви здравствени импликации. Многупати поради оваа појава скопјани мораат да прескокнуваат по тротоарите или по парковските патеки, но најстрашно е што во истите тие паркови си играат и деца. Многу родители, баби и дедовци, кои секојдневно се на ваквите шеталишта со дечињата, се жалат на неодговорните сопственици на кучиња, кои не го собираат изметот по нив, па поради тоа во парковите останаа да шетаат повеќе кучиња, отколку деца. Ова мора да го регистрирале и надлежните, ама веројатно не одговараат адекватно па токму затоа ваквите сопственици се однесуваат многу комотно. Можеби надлежните треба да постават и повеќе канти во кои исклучиво ќе се фрлаат кучешките фекалии.

– Еден господин, кој си го шеташе кучето, видов дека не го собра изметот откако тоа изврши нужда. Му кажав: „Господине за вакви работи се казнува, а плус тоа имајте на ум дека тука играат деца“. Тој ми дофрли: „Ај ти гледај си ја работата нека не те интересира многу многу што правам“. Мислам дека некој ден може некој да се пресмета со мене само затоа што укажувам дека тоа што го прави не е во ред. Има голем број граѓани што не чистат по своите миленичиња, од оваа причина многу родители не ги пуштаат своите деца да играат во парковите. Не знаат на што можат да наидат и не сакаат да се во дилема дали нивните деца ќе фатат некаква болест – вели анонимен граѓанин.

Сите љубители на животни ќе се согласат дека чистењето на изметот е една од најмалку омилените работи, но тоа мора и треба да се направи бидејќи претставува одговорност. Сите вистински љубители на животни знаат дека милениците не се само за шетање.

– Многупати ноќе кога шетаме сме се вратиле со измет од кучиња на обувките. Некогаш кога сакам да прошетам по парковиве се чувствувам како да одам на мински полиња. Навистина не е убава глетката насекаде да има оставен измет од кучиња.

Едноставно тоа треба да се собере, ако јас можам да го соберам тогаш може и секој друг. Домашните кучиња се исчистени од паразити и не верувам дека можат да шират зарази. Од друга страна, штом има закон што вели дека треба да се чисти изметот од милениците тогаш треба да се почитува. Затоа ние повикуваме на општествена одговорност и почитување на сите законски прописи – вели Радмила Пешевска од „Анима мунди“.

Според Законот за јавна чистота, член 33, му се изрекува глоба на физичко лице што „остава фекални остатоци на домашно милениче надвор од садовите за отпад“ и се предвидува казна од 50 евра. За да се избегнат непосакуваните законски санкции, потребно е носење ќеси за собирање на изметот на милениците. Но како што може да се забележи, сепак или недоволно се казнува или недоволно се прават контроли. Од Државниот санитарен инспекторат велат дека изметот на кучињата е отпад како и секој друг отпад и според тоа треба да се фрла во пропишана канта за отпадоци.

– Кога станува збор за отпад секој отпад треба да се фрла во канта за отпадоци.

Според тоа, кучешкиот отпад е отпад како секој друг и треба да се фрла на соодветно место. Се разбира фрлањето на кучешкиот отпад има здравствено превентивен аспект.

Потребно е да се фрла во посебна канта за тоа за да не се шират разни зарази – велат од Државниот санитарен инспекторат.

Граѓани од Капиштец постојано се жалат на кучешки фекалии, кои сопствениците на кучиња ги оставаат во паркот кај маркетот „Кам“, но и кај паркот до катната гаража „Зебра“. Велат дека таму постојано има измет од миленици на зелените површини. Голем дел од родителите со мали деца не ги пуштаат да играат по парковите, бидејќи се плашат да не фатат некаква зараза. Во близината на „Салон 29“ има посебен парк за кучиња и вообичаено сопствениците што одат таму се грижат за своите кучиња и го чистат изметот по нив. Таков специјален простор има и кај зградата на поранешна НИП „Нова Македонија“. Но не е така во другите паркови каде што на исто место играат деца и се шетаат миленици. Токму затоа надлежните треба да не чекаат реакции од граѓаните, туку тие први да реагираат и како што почнаа да санкционираат за фрлање ѓубре да казнуваат и за оставање на кучешките фекалии.