Кучињата-скитници ги намножија тужбите, а градот не знае колку ќе плати

1337
Од МВР велат дека од јануари до април регистрирани се 146 напади од кучиња Фото: Игор Бансколиев

Проблемот со кучињата-скитници секој ден ги притиска скопјани, а на повидок никаде не се гледа решение. За бездомните животни градот нема ниту добра инфраструктура за нивно сместување ниту пак надлежните покажаа поголема ажурност за овој горлив проблем на граѓаните, кои ги намножија своите тужби до градските власти поради напади и гризнувања од кучиња. Ќе има ли градот пари и за колку средства за отштети станува збор, не ни одговорија. Велат во согласност со нивната евиденцијата од 2016 година досега, моментално се активни 144 судски предмети со основа надомест на штета настаната како резултат на каснување од куче, од кои 97 предмети се во прв степен пред Основниот суд Скопје 2 – Скопје, а 47 предмети се во жалбена постапка пред Апелацискиот суд во Скопје.

Статистиката на Министерството за внатрешни работи вели дека од јануари до април се регистрирани 146 напади предизвикани од кучиња. За мај и јуни за 2018 година на подрачјето на градот Скопје се пријавени 61 случај на каснати лица од кучиња-скитници. Од јавното претпријатие „Комунална хигиена“, кое е одговорно за стационарот „Вардариште“, информираа дека за месец мај годинава имаат примено вкупно 18 поплаки. Овие официјални информации ја даваат реалната слика за стравотијата со која се судираат граѓаните, но и за неможноста на надлежните да се справат со проблемот врзан за кучињата-скитници. Некои ветеринари велат дека проблемот годинава и претходните години не се разликува во однос на бројот на нападите од кучињата-скитници, но евидентно е дека скопјани никогаш не биле повеќе поисплашени од сега.

Со зачестените вести од напади на кучиња, жалби од граѓаните, кои ги изразија јавно, но и по социјалните мрежи и секојдневната глетка на големи групи кучиња-скитници на фреквентните делови од градот, проблемот добива друга форма и зема поголем замав. Застрашувачки звучи информацијата на граѓани дека во Скопје се носат кучиња-скитници со камиони со регистарски таблички од Тетово, Гостивар, Кавадарци и други градови од земјава. Од градот тврдат дека до Секторот за комунални работи нема пристигнато пријава од овој вид. Доколку граѓаните се сведоци на вакви настани, апелираат да го пријават тоа кај нив и во МВР. Граѓаните навистина не се чувствуваат безбедно во својот град. Скопскиот градоначалник Петар Шилегов вели дека градот Скопје работи на наоѓање решение за проблемот со кучињата-скитници.

– Стационарот е целосна дивоградба и не задоволува каков било стандард за третман на кучиња-скитници. Кога ќе заврши постапката за легализација на стационарот „Вардариште“ ќе можеме да почнеме со негова реконструкција, реновирање и зголемување на капацитетот. На тој начин би се спречил механичкиот прилив на кучиња-скитници на улиците на градот. За овие 10 месеци овие кучиња не се накотија во овој град. Зборуваме за проблем што е стар можеби повеќе децении. Како градска администрација најпрво го отворивме стационарот за да можат и граѓаните да ги видат условите каде што се згрижуваат кучињата-скитници, формиравме заедничка комисија со невладините организации по основа на која во Советот на градот Скопје беше усвоена програма за згрижување по која работиме – вели скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

Ги прашавме во градот како мисли скопскиот градоначалник да се справи со проблемот. Оттаму велат дека во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство е завршена постапката за увоз на околу 300.000 чипови со кои сопствениците на домашни миленици во согласност со законските обврски што ги имаат ќе можат за евтини пари да ги чипираат своите домашни миленици. Шилегов во изјава рече дека градската администрација работи за наоѓање и имплементирање системско решение со кое на среден рок градот Скопје ќе нема проблеми со кучињата-скитници. – Екипите на „Вардариште“ работат на контрола на проблемот, каде што од почетокот на годинава заловени се над 700 улични кучиња и сите се третирани по принципот „залови – стерилизирај – врати“.

На територијата на Скопје се проценува дека има од 8 до 10 илјади улични кучиња, ни велат од градот. За сите оние граѓани што сакаат да пријават дека се каснати од куче-скитник процесот што треба да го минат е следниот. Доколку е настанат физички напад од куче-скитник, случајот треба да го пријават во јавното претпријатие „Комунална хигиена“ на дежурниот телефон 02/3216 644 со тоа што би се оневозможило тоа куче да нападне повторно.

– По добиениот повик екипите на служба за хуман третман и контрола заминуваат на терен и се обидуваат да ги пронајдат и да го заловат посоченото животно. Подоцна се транспортира во стационарот „Вардариште“, се утврдува неговата здравствена состојба и евентуалното пројавување агресивност – велат од „Комунална хигиена“.

Доколку се утврди дека постои агресивност кај кучето, тоа се успива, доколку се утврди дека не е агресивно се пушта повторно на местото од кое е заловено. На овој принцип се овозможува намалување на понатамошни напади и се зголемува безбедноста. Следниот чекор што треба да се направи е повредениот да оди да се прегледа на лекар, а наедно да прими тетанусна инјекција. Откако ќе се утврди дека станува збор за напад од куче-скитник се вади потврда за настанатиот напад. Со таа потврда подоцна може да се пријави случајот во полиција. Откако овој процес ќе се заврши може да се продолжи правно, со тоа што би се барала отштета од градот Скопје. Доколку граѓанин го тужи градот Скопје може да добие отштета од 60.000 до 180.000 денари. За претрпена физичка болка до 35.000 денари, а за претрпен страв до 30.000 денари или, пак, за душевна болка до 20.000 денари.