Купувачите секојдневно доживуваат ценовен шок

794
Најмногу зачудува тоа што цените на јужното овошје се многу пониски од оние на домашно произведеното овошје Фото: Дарко Андоновски

Граѓаните секојдневно се шокираат од цените на овошјето и зеленчукот на зелените пазари и од оние во големите маркети. Само пред два дена во еден од скопските маркети скопјанец забележал дека лубеницата чинела многу повеќе од дене­шната цена 139 денари за килограм. Нималку ефтини небиле и пакуваните парчиња лубеница. Цените на некои производи се дотолку високи што не им даваат да помислат да купат они кои што примаат минимална плата.

Купувачите речиси не можат да ги следат секојдневните промени и вртоглавото пагање или качување на цените на некои производи. Она што најмногу зачудува е фактот дека цените на јужното овошје се многу пониски од оние на домашно произведеното овошје, како на пример јагодите, јаболката, крушите. Така, на пример, на зелените пазари цената на јаболкото се движи помеѓу 50 и 70 денари, а портокалите се продаваат за 30 до 40 денари по килограм. Крушите во зависност од сортата и квалитетот се нудат за 70 до 150 денари, додека, пак, мандарините можат да се купат за само 70 денари. Домашно произведената јагода, која веќе се нуди на пазарите и во маркетите, има цена од 120 денари.

Променливи се и цените на зеленчукот, а деновиве велат многу била нестабилна цената на краставицата, која варира помеѓу 30 и 50 денари по килограм. Така варираше и цената на целерот, кој од само 70 денари за килограм сега се нуди дури за 170 денари. Цената на краставицата вртоглаво паѓа или се качува зависно од понудата и побарувачката на пазарот, а токму овие два параметри секојдневно ги диктираат цените и на сите други производи тврдат познавачите на состојбите на пазарите. Особено, велат, тоа е карактеристично за раноградинарските култури што излегуваат од оранжериите, а производителите во цената на производот ја пресметуваат и потрошената нафта за загревање на оранжериите во периодите кога е тоа потребно. Количеството, велат, донесено на пазар и побарувачката ќе ја одредат цената на овие производи. Додека, пак, цените на јужното овошје некако се стандардизирани. Разлика во цените има и на зелените пазари и скопјани знаат дека некако најниски цени има на Бит-пазар, а најскапо е на Буњаковец.

Евидентно е тоа дека некои маалски продавнички или големите маркети имаат нешто повисоки цени или, пак, само за некои производи тие се речиси изедначени со пазарите.
Познато е дека понудата и побарувачката секој ден ги одредуваат цените на пазарските производи. Но мора да се знае дека тука имаат улога и некои други фактори. Така, на пример, бидејќи затаи откупот на зелката, падна и цената на овој производ и сега килограм зелка се нуди за 20 денари. Високата цена да речеме на јаболкото, кое е домашен производ е поради тоа што минатогодишниот род беше мошне слаб, а побарувачката е поголема. Инаку се знаеше некако и јаболкото имаше стандардна цена. Пиперките на Бит-пазар сѐ уште се продаваат помеѓу 80 и 100 денари, а доматите чинат помеѓу 50 и 90 денари. Можеби треба да се спомне дека младиот компир во овој период може да се купи по цена од само 20 до 25 денари, додека лани во овој период бил поскап, вели Екрем Долек, првиот човек на здружението на пазарџии „Просперитети“.

Во некои од скопските маркети вчера увозни бабури чинеа 359 денари, додека увезена сорта пиперки чинеа 230 денари. Килограм киви се продаваше за 159 денари, додека, пак, цитроните имаа цена од само 64 денари. Само бананите некако се движат по некоја стандардна цена од 50 до 60 денари, додека ананасот можеше да се купи за 99 денари.