Кој да каже колку се сигурни маалските рингишпили

188
Низ населбите се поставуваат рингишпили, вовчиња и други реквизити Фото: Маја Јаневска-Илиева

Општините не знаат кој е одговорен за безбедноста на реквизитите, градот е ненадлежен, а на телефонскиот број на градската техничка инспекција никој не се јавува и има само снимена телефонска порака на секретарка, која вели дека бараното лице во моментот е недостапно

Нема набргу Скопје да добие нов забавен лунапарк, но затоа во последниов период забавни мини-паркови се појавуваат низ населбите. Еден функционира во населбата Шуто Оризари, помал има во паркот Чаир, а малку поголем и со повеќе реквизити од неодамна се појави кај месноста Градинар во општината Кисела Вода. Граѓаните немаат ништо против ваквиот вид забава за децата, но поставуваат прашање колку се тие безбедни за нивните најмали и дали некој се грижи за нивната техничка исправност, имаат ли тие гаранција… Од општините се децидни дека кај нив никој не побарал дозвола за поставувањето на забавните паркови, ниту пак се тие и нивните инспектори надлежни да ги контролираат.

И од Кисела Вода и од општината Чаир нѐ преупатија во градот Скопје, од каде што, пак, се прогласија за ненадлежни за давање лиценци или за контрола на техничката исправност на реквизитите во овие забавни паркови. Се обидовме да побараме одговори од градската техничка инспекција, на чиј телефонски број 3118-289 се вклучува снимена телефонска секретарка што вели: „Почитувани, лицето кое го повикавте во моментов е недостапно и ќе биде информирано преку СМС за вашиот повик“. Покрај тоа што не добивме одговор кој се грижи за техничката исправност на забавните реквизити, немаме одговор ниту во чија сопственост се тие. Единствено се знае дека за двата карусели поставени во Градскиот парк, спроти стадионот, и оној во паркот „Авионче“ во Ново Лисиче се на ЈП „Паркови и зеленило“. Она што не се знае во случајов со реквизитите во населбите е кој ќе биде одговорен ако се случи несакана последица, бидејќи во прашање се децата. Тие единствено што сакаат да уживаат на овие големи играчки.

– Пред некој ден го шетав син ми и случајно го забележавме забавниот парк кај Градинар. Иако премногу настојуваше и сакаше да се качи на некој од реквизитите, не можев да се осмелам на таков чекор, бидејќи прво што ми падна на памет беше колку се исправни тие рингишпили и дали некој ги контролира. Едноставно ми беше страв и не дозволив – вели скопјанецот Сашо Милевски.

Од ЈП „Паркови и зеленило“ тврдат дека се грижат за сигурноста на каруселите, за кои тие се одговорни.

– „Луна“ ДООЕЛ, друштвото чиј основач е ЈП „Паркови и зеленило“ има поставено два карусели за возење и забава на децата во градот. За безбедноста на децата се грижат вработените, кои додека работи каруселот постојано внимаваат на децата и во секој момент можат да го исклучат и да реагираат при несакани ситуации. Ова се нови реквизити, кои се набавени пред неколку години, едниот е сѐ уште под гаранција и постојано, секој ден, се проверува нивната исправност од страна на вработените – велат од ЈП „Паркови и зеленило“.

Но кој ја проверува сигурносната состојба на реквизити во забавните паркови во населбите не знаат ниту општините.

– За забавниот парк кај Градинар ниту некој побарал, ниту пак имаме издадено дозвола и тоа не е во наша надлежност. Веројатно има некаква безбедносна контрола за реквизитите, но нашите комунални инспектори немаат ниту ингеренции, ниту надлежност да ги контролираат ваквите забавни мини-паркови – ни рекоа од општината Кисела Вода.

И од Чаир имаат сличен одговор и тврдат дека забавниот парк е поставен на диво, бидејќи никој не побарал дозвола од нив. Акцентираат дека за паркот „Чаир“ е одговорно претпријатието „Паркови и зеленило“, но не знаат кој е тој што ги поставил реквизитите за забава на децата. Додаваат дека ќе се заинтересираат и ќе прашаат во градот.

И во градот се без конкретен одговор кој се грижи за безбедноста и сигурноста на реквизитите за забава.

– Градот Скопје може да издава јавни површини што се во негова надлежност за организација на разни манифестации и активности, преку издавање согласност за користење на јавни и зелени површини. Со оваа согласност градот Скопје наплаќа такса според локацијата, времето на траење и квадратните метри што се користат. Градот Скопје не е надлежен за давање лиценци или за контрола на техничката исправност на истите тие – велат од градот.

Оттаму најавуваат дека работат на тоа Скопје да добие нов, модерен забавен парк и во моментов се работи на новиот проект, во кој треба да се земат предвид и да се инкорпорираат и идеите од стариот. Тврдат дека инвестирале во инфраструктурата (инсталации, објекти и партерно уредување), како и неколку забавни реквизити. Во буџетот за годинава се предвидуваат 4 милиони денари за изработка на проектот. Но до отворањето на новиот забавен лунапарк, некој сериозно треба да се погрижи за безбедноста на маалските паркови, за да не се случи нешто непосакувано.

[email protected]