Кој да ги замолкне силните децибели на моторите?

429
Трките со мотори ги оставија граѓаните без сон

Сѐ уште нема крај на трките со мотори по скопските улици и булевари, а скопјани немаат сон од нивната бучава. Силните децибели на моторите обично се слушаат во ноќните часови, кога вљубениците во брзините најчесто ги организираат трките. Секој ден различни се реакциите, па некој ќе рече дека една вечер се слушале мотори на булеварот 8 Септември, кај хотелот „Александар Палас“, друг ден некој кажал дека имало трки на Словенечка, близу скопската населба Визбегово, па на Босна и Херцеговина во Бутел, Јане Сандански, Февруарски поход во Аеродром и на многу други места во градов. Вознемирените граѓани немаат што друго да направат, освен да се јават во полицијата, која, за жал, ја нема на местата на ваквите настани, а додека да дојдат моторџиите веќе си заминуваат оттаму.

Но учесниците на трките со мотори, освен што ги нарушуваат јавниот ред и мир, тие исто така ги нарушуваат и сообраќајните прописи и не возат со дозволената брзина во урбаните средини. Од МВР тврдат дека скопската полиција од април годинава ги интензивирала контролите во сообраќајот за спречување на дивите трки.
Некои граѓани велат дека забележале оти полицијата во вечерните часови повеќе легитимира.

– Не можам да спијам, некогаш во сон мислам дека некој ме напаѓа. Кога ќе се разбудам, сфаќам дека тоа е буката од моторите или од автомобилите што возат покрај моето живеалиште. Пријавив неколкупати, но додека да стигне полицијата буката престанува – вели жител на зграда што се наоѓа покрај улицата Митрополит Теодосиј Гологанов.

Од МВР велат дека вакви контроли полицијата почнала да презема од јуни минатата година, а министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се огласи на својот твитер-профил дека се приближува крајот на дивите трки за побезбедни скопски улици. Сепак, гласните автомобили и мотори на скопските улици сѐ уште се слушаат во летниот период особено во доцните часови. Граѓаните наместо да се одмораат и да спијат често се вознемирени од бучните возила, кои често се надградени со недозволени делови што предизвикуваат уште поголема бучава.

Од ресорното министерство информираат дека во првото тримесечје од годинава спровеле акциска контрола на подрачјето на Скопје за да ги откријат и санкционираат возачите што организираат и учествуваат во диви трки. Од таа контрола привремено биле задржани 35 мотоцикли поради сомнение за техничка неисправност и издувни уреди што создаваат бучавост поголема од дозволената. Одделението за безбедност на сообраќајот реализирало акција за откривање диви трки и на булеварот Партизански одреди и на улицата Христијан Тодоровски Карпош во периодот помеѓу 20 и 1 часот по полноќ

– Во периодот од 1 мај до 4 септември годинава од страна на Одделението за безбедност на патниот сообраќај против возачи на мопеди, мотоцикли и четирицикли преземени се вкупно 1.945 мерки од Законот за патниот сообраќај и 2.388 мерки од Законот за возила – велат од МВР.

Поплаките на граѓаните не треба да бидат причина за интензивирање на проверките од страна на полицијата туку за неа тоа треба да биде редовна работа. Од Секторот за внатрешни работи – Скопје не кријат дека периодов има пријави за поплаки од граѓаните за диви трки на целото подрачје на градот Скопје и од страна на единицата и Одделението за сообраќај континуирано тврдат дека се преземаат мерки.

– Ставаме крај на неодговорното брзо возење во ноќните часови низ Карпош. На бучните трки со мотори и со автомобили им пристапуваме сестрано, бидејќи местото не им е во резиденцијалниот дел од градот. Ангажирајќи ја секојдневно помошта на полицијата, како и со интервенции во дизајнот на улиците, работиме на ставањето крај на овој проблем и овозможување мирен сон и нерви за карпошани – во една пригода кажа Петре Шилегов, уште пред да стане градоначалник.

Фактичката состојба говори дека скопјани сѐ уште имаат мака од дивеењето на моторџиите тркачи по скопските сообраќајници и тоа во различни делови од Скопје, на различни булевари и секаде каде што имаат услови за натпревар со брзините на моторите. Градските власти можат и мораат да бараат решение, а граѓаните немаат сомнеж дека трките ќе бидат минато ако полицијата е поприсутна на сообраќајниците, наместо да чека пријави од граѓаните.