Кому му се виновни направите за вежбање?

Градските власти велат дека не е ниту првпат, ниту реткост да се соочуваат со вандалско однесување / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пандемијата донесе анксиозност, зголемено ниво на стрес, нервози, конфликтност, деструктивност и нагони за да се искаже нервната раздразнетост со форми на кршење, уништување… Но зарем на јавното добро? Зарем на инфраструктурата и на нештата што сами по себе служат за да им го разубават и олеснат животот на граѓаните? Град Скопје и јавните претпријатија во континуитет се соочуваат со проблеми и вандалско однесување во однос на оштетувањето на урбаната и друг вид опрема. Секој месец на терен евидентираме голем број штети во вид на запалени контејнери, оштетени садови за отпад, искршена урбана опрема (клупи, инсталации и сл.), инсталации за наводнување, сообраќајни знаци, велат градските власти

КЕЈОТ НА ВАРДАР ОСТАНУВА БЕЗ СПОРТСКИТЕ РЕКВИЗИТИ

Пандемијата донесе анксиозност, зголемено ниво на стрес, нервози, конфликтност, деструктивност и нагони за да се искаже нервната раздразнетост со форми на кршење, уништување… Но зарем на јавното добро? Зарем на инфраструктурата и на нештата што сами по себе служат за да им го разубават и олеснат животот на граѓаните? Подолго време во редакцијата се јавуваат граѓани што се разочарани од односот на некои поединци или одредена група непознати сограѓани, кои искажувајќи ги својот гнев и нервоза ја уништуваат урбаната опрема (клупи, паркови, цвеќиња, чешмички за вода, опрема за спортување…). На пример, тие последниов пат ги истакнаа и направите за вежбање на кејот на реката Вардар, кои поради таквиот вандалски однос полека стануваат целосно неупотребливи. За жал, на само мал дел од нив може да се вежба, до толку се искршени и оштетени што лесно некој би можел да се повреди. Овие направи за вежбање беа одлични и максимално искористени во овој дел од градот. Младо и старо, деца и родители, сите ги користеа и се рекреираа поминувајќи заедничко квалитетно време и подобрувајќи го сопственото здравје.
Независно дали зиме или лете, на овие направи речиси и да немаше период од денот кога немаше луѓе. Глетката беше убава, особено затоа што конечно младите својата енергија ја насочија кон нешто многу покорисно отколку кон компјутерите и телефоните.

Сега кејот е празен затоа што нема каде да се вежба. Останаа велосипедистите, оние што пешачат и оние што рекреативно трчаат. На поставените направи повеќе не може да се вежба, бидејќи речиси целосно се оштетени. Од кого, за жал, не е познато, но факт е дека градот има сѐ повеќе проблеми со вандали што ги уништуваат јавните добра.
Граѓаните се гневни поради ваквата состојба, затоа што велат дека ваквата слика не е присутна само на реквизитите за вежбање, туку насекаде.
– Секој ден одев да се рекреирам на кејот. Откако почна целата ситуација со пандемијата се затворивме дома, а искрено тоа многу ми пречи. Немам контакти со друштвото, не излегувам, не одам на факултет и искрено седењето дома ме прави понервозна. Со сестра ми секојдневно одевме да вежбаме, но, ете, се најде некој да ги искрши и сега немаме каде да се рекреираме и да се издуваме – вели Ангелина Трајковска.

За Слободан Тасевски, пак, кршењето не само на направите за вежбање туку и на сето она што е поставено во градот станува сѐ почеста слика во метрополата.
– Да се само направите добро ќе е, ама, за жал, не се. Клупите постојано се кршат. Им се вадат штиците. Кантите за отпадоци веќе срам ми е да ги споменам. Ние сме главен град во кој некој ужива да ги уништува кантите, па ѓубрето ни е расфрлано насекаде. Крадењето садници и уште многу други работи ни станаа секојдневна слика. Нешто мора да се преземе за да се стави конечно крај на овие вандалски групи што кршат сѐ што ќе посакаат – вели тој.
Градските власти велат дека не е ниту првпат, ниту реткост да се соочуваат со вандалско однесување.
– Град Скопје и јавните претпријатија во континуитет се соочуваат со проблеми и вандалско однесување во однос на оштетувањето на урбаната и друг вид опрема. Секој месец на терен евидентираме голем број штети во вид на запалени контејнери, оштетени садови за отпад, искршена урбана опрема (клупи, инсталации и сл.), инсталации за наводнување, сообраќајни знаци – велат градските власти.
Оттаму додаваат дека на овие појави, за жал, имуни не се ниту спортските реквизити, кои поголем број пати беа предмет на вандалско однесување, за што тоа е пријавено до полиција.

– Треба да се напомене дека во наша надлежност се неколку спортски сета на кејот на реката Вардар (два сета на спортски направи за вежбање, скејт-паркот и терените за ракомет и одбојка на песок). Најголемиот број од спортските терени се во државна или општинска сопственост, а голем број од направите за вежбање се на општините, Агенцијата за млади и спорт или се донации од приватни инвеститори – информираат од Градот.

[email protected]