Комуналците во разговор со граѓаните за решавање на проблемите

33
Паркирани автомобили го оневозможуваат пристапот до контејнерите

Комуналците излегоа на терен, а имаат за задача да реализираат едукативно-информативни активности со граѓаните. Вчера вработени на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје се среќаваа со граѓаните од скопската општина Центар, со кои разговараа за актуелни комунални проблеми.

Од претпријатието информираат дека приближно стотина граѓани биле информирани дека несовесното одлагање на комуналниот, кабестиот и градежниот отпад доведува до создавање диви депонии и загадување на животната средина.

– Со граѓаните од оваа скопска општина беше разговарано и за актуелните проблеми со кои се соочуваат екипите на претпријатието, како што е паркирањето на приватните автомобили во непосредна близина на контејнерите, со што се блокира пристапот на специјалните комунални возила и се оневозможуваат собирањето и транспортот на комуналниот отпад, како и одлагањето на отпадот на платформите на подземните контејнери – велат од ЈП „Комунална хигиена“.

Од претпријатието очекуваат едукативно-информативните активности да резултираат со намалено прекршување на Законот за јавна чистота и наедно поздрава и почиста животна околина.