„Комунална хигиена“ подели сто канти во Топаана

41

­Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ на 100 домаќинства во скопската населба Топаана им подели канти за собирање на отпадот, кој претходно граѓаните неправилно го фрлаа и создаваа диви депонии. За да се спречи оваа појава претпријатието оствари соработка со урбаната заедница од населбата Топаана во општината Чаир, по што беше договорено дополнително да се поделат нови канти.

Директорот Абдусамед Шабани на средба со граѓаните вчера, ги информира за динамиката за собирање на отпадот, како и за штетноста од создавањето на дивите депонии. Од претпријатието велат дека со месеци се соочувале со проблемот со неправилното фрлање на отпадот на улицата Максут Садик во населбата Топаана, каде што континуирано се создаваат диви депонии, особено во реонот на игралиштето.

– И покрај секојдневните интервенции од страна на нашите екипи, ова место претставува црна точка на која постојано се создаваат диви депонии што ја загадуваат околината и претставуваат закана за здравјето на граѓаните. Би сакал да нагласам дека не е надлежност ниту пак ингеренција на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје да ги превенира или казнува прекршителите на Законот за јавна чистота и во оваа пригода ги повикувам надлежните институции – инспекциските служби при градот Скопје и општината Чаир да дејствуваат на терен, за да се спречи загадувањето на животната средина – изјави директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Абдусамед Шабани.