Колони возила на Јадранска магистрала – до кога?

1455
На делницата се работи само претпладне, а колоните се постојани - Фото: Игор Бансколиев

Граѓаните секојдневно заглавени во сообраќаен метеж

На Jадранската магистрала возачите се секојдневно заглавени во автомобилите, бидејќи два месеца на улицата Никола Карев, близу булеварот Словенија, се изведуваат градежни зафати и се вози само по една сообраќајна лента. Градските власти велат дека се врши реконструкција на мостот на реката Серава, а граѓаните се прашуваат како е можно реконструкцијата на мост што личи на плоча, која покрива канал, да се изведува толку долго

Колони од возила, нервозни возачи и сообраќаен метеж во кој граѓаните секојдневно заглавуваат и од кој тешко излегуваат е слика што постојано се гледа веќе два месеца на Јадранската магистрала. Сите губат драгоцено време и не можат навреме да стигнат каде што намериле, заглавени во автомобилите еден зад друг, бидејќи се вози само по една сообраќајна лента, додека на другата од улицата Никола Карев, близу булевар Словенија, се изведуваат градежни зафати. Градските власти велат дека се врши реконструкција на мостот на реката Серава, а многумина скопјани се прашуваат како е можно реконструкцијата на мост што личи на плоча, која покрива канал, да се изведува толку долго, иако се знае дека станува збор за важна делница. Оваа сообраќајница е врска не само со двата дела на Скопје, туку и со соседно Косово. На тој дел од градов градежните работници се присутни на терен само во претпладневните часови, но сообраќајниот хаос е евидентен како во утринските, така и во попладневните часови. При обидите што побрзо да излезат од колоната граѓаните предизвикуваат сообраќајни несреќи, на кои скопјани се сведоци и велат дека имало и потешко повредени. Граѓаните се револтирани, бидејќи секаде во светот кога се во прашање вакви важни сообраќајни делници градежните работи се изведуваат во текот на ноќта и брзо се завршуваат за да се релаксира сообраќајот. Но овде велат дека никој не води сметка за нив, ќе се раскопа и со месеци не може да се завршат работите и не е така само во овој случај, па затоа прашуваат до кога ќе трае оваа реконструкција. Од градот велат дека станува збор за важен зафат од витално значење, но не одговорија колку долго ќе траат работите на терен и дали наскоро ќе привршат.

– Изминатиов период започна реконструкција на дилатација на мостот на улицата Никола Карев, во близината на крстосницата на оваа улица со булеварот Словенија. Реконструкцијата на истата таа се врши во согласност со изработените основни проекти за реконструкцијата на мостови и натпатници во Скопје. Станува збор за активност од витално значење, а годинава градежни работи за санација на дилатации на мостови се прават и на мостот Гоце Делчев. Со овој проект е предвидена реконструкција на дилатацијата на мостот на реката Серава, а истата таа ќе чини околу 1,9 милион денари – велат од градот Скопје.

Јадранската магистрала е многу важна сообраќајница, бидејќи е најкратка врска на жителите од северниот дел на градот, преку булеварот Словенија со општините Карпош и Ѓорче Петров и обратно. Но уште поважно е што токму Јадранската магистрала е влез и излез кон соседно Косово, од каде што секојдневно доаѓаат и заминуваат огромен број автомобили, но и тешки товарни возила. Влезот преку булеварот Словенија и Јадранската магистрала овозможува и поврзување со индустриската зона во Визбегово, односно со општините Бутел и Шуто Оризари. Некои од граѓаните, пак, кои сакаат да го избегнат метежот од центарот на градот, возат токму преку булеварот Словенија и преку Јадранската магистрала или преку Качанички пат се упатуваат кон општината Карпош.

Поради сево ова, Јадранската магистрала е мошне важна сообраќајна делница, а тоа веројатно го знаат и надлежните, па оттаму тие и требало да испланираат пократок рок за предвидените градежни активности. На вакви важни сообраќајни објекти не може да се дозволи работите да се влечкаат, а за сметка на тоа граѓаните да бидат оставени да се снаоѓаат како знаат и умеат. Мостот на реката Серава, кој надлежните го спомнуваат, ни оддалеку не може да се споредува со мостот Гоце Делчев, на кој сигурно е потребно и повеќе време за предвидената реконструкција во која градежниците мораат да ги прецизираат сите елементи на растегнување, проширување и ширење на материјалите на објектот. Но за реконструкцијата на мостот на Серава, сигурно нема да бидат потребни уште два месеца, бидејќи и досега граѓаните минуваа низ вистинска агонија.


МВР потврдува дека имало несреќи на Јадранската магистрала

Од Министерството за внатрешни работи, поточно од СВР-Скопје велат на Јадранската магистрала од почетоков на годинава досега се случиле 12 сообраќајни несреќи, од кои со тешки телесни повреди биле две, со полесни повреди шест и четири завршиле со материјална штета.

Ако од сите овие се издвојат несреќите од последниве два месеца, периодот кога се изведуваат и градежните активности на мостот на Серава, а поради што има постојан сообраќаен метеж, тогаш може да се издвојат две сообраќајни несреќи со телесни повреди и две со материјална штета. На 24 април имало една сообраќајка, која завршила со тешки телесни повреди.

[email protected]