Колку пополн резервен фонд толку позадоволни станари

265

Станарите најтешко се договараат за големите инвестирања во зградите за колективно домување, тврдат од Регулаторната комисија. Затоа во повеќе згради не функционираат лифтовите, прокиснуваат покривите. Несогласувањата на станарите може да се решат во согласност со законските прописи што стaнарите треба да ги користат

Многубројни се проблемите на станарите во зградите за колективно живеење. Најтешко се решаваат оние што бараат поголемо финансиско покритие, за што најчесто станарите не се расположени да издвојат пари од својот буџет. Но најлесно и најбрзо се санира проблем како што е пукната цевка од канализација. Ова се само некои од искуствата на Регулаторната комисија за домување, која постои девет години и секојдневно се соочува со проблемите на станарите и посредува во нивното решавање на законски начин. Од искуство тврдат дека станарите најтешко се договараат кога се во прашање големите инвестирања, како што е поправка на покривите, на старите лифтови и слично. Во колективното домување проблем е и плаќањето на заеднички потрошената електрична енергија, поради што често остануваат исклучени потстаниците, а скалилата и подрумите се во темнина. Поради тоа во зимскиот период се случува ваквите објекти да останат без топлинска енергија.

Од Регулаторната комисија за домување велат дека токму затоа многу се важни средствата што постојано треба да се депонираат во таканаречениот резервен фонд, кој многу добро ќе послужи кога се во прашање поголеми давачки за решавање на проблемите од заедничкото живеење. Тоа некако би значело колку постар објект во кој живеат граѓаните толку повеќе пари треба да си издвојуваат за резервен фонд.
– Станарите најтешко се усогласуваат кога се во прашање големи инвестиции, како што е поправка на покривите на колективните станбени згради. Во ваквите случаи најчесто проблем прават станарите од подолните катови, кои не покажуваат заинтересираност за обновувањето на покривот, бидејќи ним не им прокиснува. Но законот е јасен како се постапува кога се живее во колективно домување и проблемот многу лесно се решава кога има регистрирано Заедници на станари или, пак, објектите имаат фирми-управители.

Секој ќе мора да си плати и да учествува во изградбата или реконструкцијата на објектот. А кога ќе го решат тоа, повторно се случуваат расправии кој да ги изведе градежните работи. Станарите секогаш имаат свои предлози, а управителите, пак, претпочитаат свои фирми со кои соработуваат или занаетчии, како молери, електричари и слично. Сепак, станарите имаат право да донесат одлука, ако потпишат согласност 51 отсто од нив во станбената зграда. Доколку не се согласат, тогаш одлука донесува судот по поднесена претставка на станарите – објаснуваат од Регулаторната комисија за домување.

Регулаторите велат дека имале проблем и со станари што не можеле да се согласат дали да формираат заедница на станари или, пак, да ангажираат фирма-управител, па нивниот спор во парнична постапка го решава повторно судот и им одредува управител.
– Управителот треба да се грижи за една станбена зграда како добар домаќин. Сме наидувале на разни проблеми како кај станарите, така и кај управителите. Имало случаи еден управител да биде заменет со друг и претходниот да не му ја предаде уредно целокупната документација на новоизбраниот, па тогаш ние се вклучуваме да се направи тоа во законски рок. Она што можеме да го заклучиме од досегашната работа е дека станарите се добро информирани и го познаваат Законот за домување, па реагираат кај нас дури и со телефонски јавувања бараат начин како да ги решат проблемите од заедничкото живеење. Ја читаат и веб-страницата на Регулаторната комисија, каде што има голем број информации што можат да им помогнат на станарите законски да донесат одредени одлуки. Управителите најчесто се жалат на уплатата на станарите, а на една фирма управител ѝ ја одзедовме лиценцата поради тоа што не плаќаше редовно – вели Ракип Маловски, претседател на Регулаторната комисија за домување.

Маловски додава дека затоа особено е важен надзорот на инспекторите за домување, кои треба да ја евидентираат фактичката состојба во записник во зградите каде што станарите најчесто не можат да се договорат или докажат за одредени ситуации. Тие исто така се многу недисциплинирани кога се во прашање лифтовите. Се случувало од фирмата за одржување на лифтот да констатираат дека тој е опасен за употреба и управителите да залепат соопштение дека лифтот не е за употреба, а станарите да го искинат и по цена на опасност по сопствениот живот и натаму да го користат. Тука може да реагира инспекцискиот надзор, на пријава на некој од станарите, и надзорот има право да го запечати лифтот и да го стави надвор од употреба.

Според регулаторите, сите проблеми на станарите многу полесно се решаваат ако тие се регистрирани како правен субјект. Во спротивно, проблемите ќе се трупаат, а тоа, пак, не значи само расправии помеѓу соседите туку и обезвреднување на становите што се наоѓаат во таков објект.