Клима-уреди или нема или не работат – патниците се задушуваат од топло

188
Само градските инспектори можат да ги казнат возачите што пушат - Фото: Дарко Андоновски

Неклиматизирани автобусите на градски превоз

Возачи во автобусите на ЈСП ги пуштаат клима-уредите само по барање од патниците и по кратко пак ги исклучуваат. Од климатизерите тече вода. Приватните превозници тврдат дека најважен услов за да влезат во јавниот градски превоз бил автобусите да не се постари од 1995 година, но не и да бидат климатизирани

Летово вистински е непријатно возењето во автобусите на јавниот градски превоз, бидејќи многу од нив се неклиматизирани. Возачите го пуштаат клима-уредот само по барање и реакција од патниците. Во некои од новите кинески двокатни автобуси кога ќе се вклучи климатизерот, тој испушта вода, која паѓа врз седиштето што е под неа и наквасува дел од предната страна на автобусот. Од тие причини некои од возачите го исклучуваат климатизерот и станува претопло во преполнетите автобуси. Уште полошо е во приватните автобуси, бидејќи во повеќето од нив нема клима-уреди. Некои скопјани едноставно немаат избор дали да се качат во грaдски или приватен автобус, бидејќи на одредени линии имаат само приватен автобус. Нивниот револт достигнува кулминација кога на овие температури во неклиматизираните возила некои од возачите пушат цигари и ги задушуваат и трујат патниците.

Често граѓани се жалат дека клима-уредите не работат и во автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие, од каде што, пак, тврдат дека никој не им се пожалил последниве десет дена. Но до двете приватни претпријатија „Слобода превоз“ и „Mакекспрес“, поплаки имало како за неклиматизираните автобуси, така и за возачи што пушат цигари во автобусите. Приватните превозници признаваат дека ги опоменале возачите што пушат цигари во автобусите и можат само да ги казнат со неиздавање на патни налози. Но велат дека само градските инспектори можат да ги казнат парично или со одземање на лиценцата. Тоа што повеќето од приватните автобуси се неклиматизирани е затоа што тоа не бил услов, кој од нив го побарал градот кога тие се вклучија во електронскиот систем на наплата. Приватните превозници тврдат дека најважен услов што требало да го исполнат бил автобусите да не се постари од 1995 година, како и да инсталираат уреди за вклучување во електронската наплата. Но и покрај тој услов, по скопските сообраќајници сѐ уште сообраќаат и стари автобуси на ЈСП, кои често се расипуваат и ги оставаат патниците на половина пат.

– Последниве десет дена речиси да нема ниту една реакција. Но и да има(ло), реакциите биле за приватните автобуси. Но истакнуваме и укажуваме дека ЈСП „Скопје“ нема никакви ингеренции, ниту одговорност за состојбата со возилата на „Слобода превоз“ и „Макекспрес“! ЈСП „Скопје“ одговорно тврди дека во согласност со последна состојба од 11 јули 2019 година неисправни клима-уреди има само во четири возила (едноподни на ЛАЗ), а истите тие не се во функционална состојба заради дефект од друга природа на возилата. Невклучување на клима-уредите заради штедење гориво, апсолутно е неточно, дури и не заслужува коментар. Неколкупати имаме укажано дека се случува во некои возила на ЈСП „Скопје“ клима-уредите да се исклучени со оглед на тоа дека некогаш има реакции на некои од граѓаните дека им е преладно, па возачот е принуден да ги исклучи за да не се најде во незавидна положба со оглед на заканите. Речиси секојдневно имаме поплаки од повозрасни патници дека во возилата е преладно. Не секогаш на сите патници може да им се угоди. За жал, чести се и ситуациите клима-уредите да се вклучени, а прозорците отворени – велат од ЈСП „Скопје“.

Во приватното претпријатие „Слобода превоз“ две третини од вкупниот број на возилата не се климатизирани, а од „Макекспрес“, пак, информираат дека веќе купиле нови автобуси со еуро пет мотори и тоа три на гас и два на дизел и сите се со клима-уреди. Од ова претпријатие објаснуваат дека во досегашни неформални разговори со градот, им било најавувано дека во следниот оглас за линиски превоз на патници, најверојатно еден од условите ќе биде и тој, автобусите да бидат климатизирани.
Од градот Скопје не ни одговорија по кои критериуми приватните превозници влегле во јавниот градски превоз и дали во иднина од нив ќе побараат да имаат климатизирани автобуси. Не ни одговорија ниту за тоа дали нешто преземаат против возачите што пушат во автобусите.

– Најважен услов што градот го бараше од нас беше автобусите да не се постари од 1995 година и се чини дека тој важеше само за нас приватните, бидејќи ЈСП „Скопје“ сѐ уште вози автобуси од 1988 година. Во неформални разговори за наредниот оглас, од градот има најави за нови услови, во кои меѓу другото ќе се бара да имаме климатизирани и, веројатно, нископодни автобуси. Во секој случај услов ќе биде и автобусите да имаат еуро 4 мотори, бидејќи ова е законски пропишано на ниво на земјава – објасни Војо Велевски, еден од основачите на „Макекспрес“.
И неговиот колега, директорот на „Слобода превоз“, потврди дека единствен критериум што градот го побарал од нив е автобусите да не се постари од 1995 година, а како услов било наведено да се инсталираат уреди за електронска наплата, како и да се прифатат другите услови што ќе им ги наложи градот, услови од други правилници, кои не биле спомнати на тендерот.

– Градските автобуси што ние ги имаме се од типови и модели што се користат и во другите градови. Тоа што некои патници се жалат дека некои од возилата се неклиматизирани е тема за дискусија, бидејќи за друг дел од нашите патници е неприфатливо да бидат климатизирани. Ние генерално сме за применување стандарди. Но клима-уредите се нефункционални во преполни автобуси. На секоја постојка вратите се отвораат и за 30 секунди внатрешната температура се изедначува со надворешната, а 20 минути се потребни автобусот да се олади. Многу од возачите не го пуштаат климатизерот да работи само затоа што се зголемува потрошувачката на гориво. Тогаш кога климатизерот работи, автобусот троши пет до десет литри повеќе гориво, а градот сѐ уште ги плаќа превозниците по околу 60 денари од извозен километар. Екстра потрошеното не им се плаќа, па затоа и во автобусите каде што има клима-уреди, возачите не ги пуштаат – вели Ленин Јовановски, директорот на „Макекспрес“.